Директорката Елена Јованова-Грујовска на отворањето на меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“ додели благодарници за морална и финансиска поддршка на Институтот и ги соопшти активностите од минатогодишните до годинашните Отворени денови во чии рамки беше и денешната конференција.
Рече дека по 11 години добиле покачување на платите и средства за минат труд, лаптопи со кои можат да работат онлајн, за една година објавиле 16 изданија, меѓу кои и обемниот зборник „Погледи за македонскиот јазик“, а од септември до сега организирале три конференции.
Очекува за идната година електронско издание на Толковниот речник и дека во буџетот за 2021 година ќе бидат обезбедени средства за 15 вработувања во Институтот за македонски јазик, а најмалку уште толку, рече таа, и за другите национални институти.
– Во моментов МОН интензивно работи на законско решение за нашите колеги на кои им треба уште извесно време за завршување на докторатите. Со продолжување на рокот за уште пет години, Министерството покажува грижа за научниот кадар во сите фази од развојот. Солидарни сме со колегите и искажуваме молба до министерката и премиерот за поскоро решавање на проблемот за да можеме сите да земеме плата. Останува уште повторното финансирање на проектите што е замрено веќе десет години, рече Јованова-Грујовска во поздравното обраќање.
Претседателката на Организацискиот одбор на дводневната меѓународна конференција Лидија Тантуровска соопшти дека ќе имаат 37 учесници денеска и уште 15 утре, а од нивните реферати ќе биде објавен зборник. Беше промовиран зборник со 39 реферати од минатогдишните, четврти Отворени денови на Институтот.