Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, денеска во изјава за медиумите информираа за заклучоците од состанокот на Комисијата за состојбата во која во моментов се наоѓаме со пандемијата од Ковид-19, бројот на новодијагностицираните случаи, како и капацитетите на болниците.

-Целосно е подготвена модуларната болница до Инфективната клиника. Се уште таму нема сместено пациенти, пристигнати се лекарите од останатите клиники кои што треба таму да работат, заедно со колегите инфектолози и медицинските сестри од сите интерни и хируршки клиники, согласно вчерашните распореди кои ги направивме со сите директори на овие институции. Во однос на бројките, еве гледаме и насекаде во регионот се зголемуваат новодијагностицираните случаи. Ова е нешто што сите го очекувавме. Согласно очекуваниот есенски бран, зголемена концентрација на случаи во смисла на зголемен број на дијагностицирани од вкупниот број на направени тестови во сите земји во регионот, во Европа, исто така, практично и во сите овие земји се воведуваат некаква форма на рестриктивни мерки", рече Филипче.

Тој потенцираше дека еден пакет на рестриктивни мерки до Владата е веќе предложен и согласно важечките уредби со законска сила потребно е да се направат тие законски измени. „Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа, за предложениот пакет за задолжително носење маски на отворено, забраната за групирање после 22 часот и забраната за домашни посети, согласно искуствата коишто ги имаме, веќе да стапат на сила и да може инспекторите и Министерството за внатрешни работи да бидат подготвени да постапуваат во контрола и санкции. Утрово разговаравме и за дополнителен пакет рестриктивни мерки коишто после евалуацијата на ситуацијата во следните денови и викендот, доколку има потреба, до Владата ќе биде предложен нов пакет мерки во понеделник. Тоа би вклучувало прво ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, до 50 проценти како што беше претходно, понатаму целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори, субјекти во 23 часот. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаите, овој пакет мерки заедно со оној што треба да помине во Собрание мислам дека сериозно ќе го забави, ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот“, истакна Филипче.

Менаџирањето на болничките капацитети е еден од најбитните параметри што се следи. Лекарите по системот на ротација се веќе прераспределени на работните места, останатите од листите се подготвени да бидат на помош на своите колеги. Тоа е нешто што секојдневно се координира со директорите на клиниките и болниците и прераспределба на пациенти ширум државата. „Една јавна благодарност до студентите од шеста година на Медицинскиот факултет коишто се вклучија од денес со работа и дел од стажот го поминуваат во центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде што на своите колеги ќе им помагаат во изготвувањето на анкетните листови и следењето на контактите на заразените“, изјави Филипче.