Почна четвртата Текстилијада во Штип, на која главна тема се работничките права во време на корона. Работници, невладини организации, работодавачи, образовни институции и локалната власт денеска дебатираа како да се дојде до социјален дијалог.
Кристина Ампева од Здружението „Гласен текстилец“ вели дека се евидентни отказите и кршењето на работничките права во време на коронакриза, но смета дека заедно со локалната власт и иснпекторите, вршат притисок и не дозволуваат да се кршат протоколите за заштита на работниците во автобусите и погоните.
– Во изминатиот период успеавме и гледавме да бидеме корисни на Општинскиот кризен штаб, да помагаме на работничките преку користење на нашата бесплатна правна помош, упатуваме апели и испраќавме инспекциски контроли. Никаде не е добра состојбата, тоа го гледаме, отказите се евидентни. Имавме одлична соработка со Општинскиот кризен штаб, кој презеде низа на активности. Вирусот повторно е меѓу текстилните работнички, бројките повторно се зголемуваат. Но, да го нема тој дијалог кој го имаме и тие контроли штетата ќе биде многу поголема и бројот на заразени работници ќе е поголем, изјави Ампева.
Венцо Филипов, сопственик на штипска конфекција, смета дека добрите работодавачи ги заштитуваат своите работници, но според него пандемијата ќе заврши, а во текстилната индустрија ќе настапи една друга криза, поради немање на стратегија за оваа гранка во изминатите над две децении.
-Пандемијата ќе заврши, но ќе ни дојде новата криза, а тоа е поради немање на стратегија. Замислете иамме текстилно училиште, а во него од прва до четврта година се едуцираат само 80 ученика, посочи Филипов.
Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов рече дека економски развој и социјален напредок можат да бидат постигнати само во услови на здружено функционирање на властите, работодавачите и работниците.
– Токму таква е улогата на економско социјалните совети, било да станува збор за централно или локано ниво. Кај нас, на локално ниво постои Локален економско социјален Совет (ЛЕСС) , кој е трипартитно тело во кое со свои членови партиципираат Советот на општина Штип, Организацијата на работодавачи на Република Македонија и Сојузот на Синдикати и Конфедерација на слободни синдикати, потенцира Миланов.
ЛЕСС, додаде, има консултативно советодавна функција и разгледува прашања и дава мислења, предлози и препораки до Советот на општината и други органи за одредени прашања од економско социјалната сфера.
-Една од основните негови цели е воспоставување, поттикнување и развој на социјален дијалог помеѓу социјалните партнери и усогласување на нивните различни ставови и интереси на локално ниво. Ова е особено важно во услови на криза која ја живееме и трпиме моментално, кога поради пандемијата на Корона вирусот се изместија, пореметија многу параметри и во делот на економијата, но и во делот на она што значи секојдневно живеење, посочи Миланов.
Четвратата Текстилија продолжува утре со откривање на споменикот „Магичен конец“ и дебата во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“, каде што се очекува да присуствува и претседателот Стево Пендаровски и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.