Мурали ќе ги прекријат нацистичките симболи и пораки со вулгарна содржина кои непознати лица вчера со спреј ги исцртале во близина на новото кошаркарско игралиште 3×3 баскет во Куманово, информираа, денеска од кошаркарскиот клуб Куманово.
Претседателот на кошаркарскиот клуб, Александар Крстевски, денеска изјави дека непознати лица со спреј исцртале нацистички симболи и вулгарни пораки, што испраќаа лоша порака до младите кои тука спортуваат.
– Ова игралиште, како и сите останати во градот се за рекреирање на младите, за нивен прав физички и ментален развој и треба да биде место каде ќе бидат тргнати од ваквите пораки, наместо да дојдат и да ги гледаат тука. За жал, ова стана пракса во градот, сè што ќе се изгради да биде вандализирано. Објектот зад мене во текот на денот ќе го исцртаме со мурали за да се прекријат ваквите недолични пораки, изјави Крстевски, кој го осуди вандалскиот чин.
Клубот и локалната власт ги реконструираат овие игралишта, додава претседателот на клубот, но тие постојано се мета на вандали, освен што несовесни граѓани ги шкртаат, многу често и ги уништуваат. Муралите, вели Крстевски обично не се уништуваат и на некој начин ќе го заштитат игралиштето. Тој најави дека во наредниот период ќе бидат реконструирани повеќе спортски игралишта во Куманово.
Игралиштето за 3×3 баскет во Куманово беше отворено пред еден месец, како проект на Агенцијата за млади и спорт и Општина Куманово.