Амбасадата на Шведска, заедно со „UNWomen“ и „Споделено знаење“ на 30 септември успешно го спроведоа „Вики гап“ уредувачкиот маратон посветен на зголемувањето на статии на Википедија за жени од Македонија и светот кои дале значаен придонес во општествениот живот.

Оваа година, како што соопштуваат од шведската амбасада, „Вики гап“ ставил посебен акцент на жените кои работат на полето на медицината и медицинските науки и истражувања. Новост оваа година е и што Вики Гап уредувачкиот маратон за првпат се одржал целосно онлајн.

Веднаш по маратонот почнала и наградна уредувачка недела, насловена како „Родов јаз“ која се одвиваше во периодот од 30 септември до 8 октомври.

– Вкупно 30 уреднички и уредници учествуваа и на маратонот и на уредувачката недела, при што се уредија вкупно 682 статии, од кои 652 нови статии, со што се додадоа вкупно 2.845.000 бајти содржина на Википедија на македонски јазик. Успешно спроведените активности помогнаа значајно да се унапреди родовата еднаквост на Википедија на македонски, и со самото тоа да се намали дигиталниот родов јаз, информираат од Амбасадата на Шведска.

Победнички на уредувачката недела, согласно резултатите од стручното жири на Википедија на македонски јазик се Катерина Кајевска, Милка Мукаетова и Борјана Арсова. За нивниот волонтерски труд тие ќе бидат наградени со Нобелов ручек со амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон, како и со учество на обуките „Дигитална младина“ спроведувани од страна на Националниот младински совет и „Млади Хаб“ кои се партнери на амбасадата во спроведувањето на уредувачката недела.

„Вики гап“ е шведска иницијатива која секоја година се спроведува насекаде низ светот и чија цел е да го намали дигиталниот родов јаз кој постои на Википедија. Имено, на Википедија има четири пати повеќе статии за мажи одошто за жени, а исто така, 9 од 10 уредници се мажи. Целта на „Вики гап“ е да го намали овој сооднос во правец на поголема застапеност на жените на Википедија и содржински и во улога на уредувач(к)и. Во Македонија досега се организирани три изданија на Вики гап, вклучително и овогодинешното издание во чии рамки за првпат се организира и тематска уредувачка недела.