Кога коронавирусот ги затвори училиштата и градинките, претворајќи го родителството во мултитаскинг кошмар, многу компании од технолошкиот сектор сакаа да им помогнат на своите вработени. Тие понудија нови поволности, вклучително и дополнителни слободни денови за родителите.

Не помина долго и работниците без деца почнаа да го поставуваат прашањето: А ние?

Вработените во Фејсбук на еден состанок неодамна се пожалија дека мерките преземени за време на Ковид-19 „првенствено им биле од корист на родителите“.

И во Твитер, на внатрешен форум избувна вистинска расправија откако еден работник, кој нема деца, обвини друг вработен, кој земал слободни денови за да се грижи за детето, дека не работи доволно.

Кога компанијата Сеилсфорс соопшти дека сите родители ќе добијат шест недели платено отсуство, повеќето вработени аплаудираа. Но, еден менаџер на Сеилсфорс, кому не му е дозволено јавно да зборува за внатрешни проблеми и затоа нема да биде идентификуван, вели двајца вработени кои немаат деца – и многумина во различни компании мислат така – поднеле жалба затоа што родителските права се очигледно најважни.

Компаниите се обидуваат да им помогнат на своите вработени на различни начини, но затоа оние без деца се чувствуваат потценети. Тие тврдат дека како од нив да се бара да носат потежок дел од обемот на работата. Во исто време, родителите се фрустрирани затоа што нивните колеги не чувствуваат и не сфаќаат колку е тешко да се балансира меѓу работата и грижата за децата, особено кога училиштата не работат, па затоа мораат да им помагаат на децата и за учење.

Фејсбук во март понуди десет платени недели одмор на вработените чии деца останаа без училиште или градинка, но и на оние кои се грижеа за еден постар роднина, кој не беше во дом за стари лица. Гугл и Мајкрософт понудија слични поволности, но исто така вклучија и луѓе кои се грижат за роднина кој се разболел.

Марк Закерберг, извршен директор на Фејсбук и татко на две деца, исто така рече дека компанијата нема да ги проценува работните успеси на вработените за првата половина на 2020 година, бидејќи „имало толку многу промени во нашите животи“. Сите ќе добијат бонуси кои обично се даваат само за добри резултати. И тоа изнервира некои „бездетни“ вработени кои сметаат дека треба да добијат повеќе.

Кога Шерил Сандберг, извршен директор на Фејсбук, направи видео-конференција на 20 август, повеќе од 2.000 вработени ја прашаа што може компанијата да стори за поддршка на неродителите, бидејќи сите други одлуки беа во корист на родителите.

Сандберг рече дека „не се согласува со самата премиса на ова прашање“ и додаде дека сите добиле бонуси повисоки од вообичаеното, но и илјада долари за опрема за работа од дома.

Таа оцени дека Фејсбук се обидува да создаде „инклузивна“ политика на слободни денови.

– Верувам дека постојат одредени предизвици за родителите. Но, предизвиците се пред сите, и тие предизвици се многу, многу реални, рече таа.

Фејсбук потоа соопшти дека сите вработени можат без лекарска потврда да земат по три слободни денови за да закрепнат од физички или ментални тешкотии. Компанијата, исто така, понуди еден месец платено отсуство на секого чиј член на семејство се разболел. Сите вработени ќе добијат неограничен број денови за боледувања и најмалку три недели платено отсуство.

Тензиите можеби се последица на фактот што не е добро објаснето дека она што е од корист за родителите, всушност е добро за сите други, вели Ерин Кели, професор на Слоун Школата за менаџмент на Институтот за технологија во Масачусетс.

– Прашањето што би можеле да им го поставиме на вработените кои се чувствуваат фрустрирано е ова: што мислите што би се случило доколку вашиот колега треба да даде отказ?, вели таа.

– Тогаш уште повеќе ќе работите.

Њујорк Тајмс


Администратор
14/10/2020 14:29