Преработки на македонски изворни песни во оперска верзија ќе слушаат кумановци утревечер во Занаетчискиот дом во рамки на фестивалот „Денови на Балканска Етно ризница“, информираа денеска од здружението „Етно ризница“. Со оваа манифестацијата, здружението ги заокружува активностите предвидени за 2020 година.

– Ќе настапат педагози професори од Музичко-балетскиот училишен центар во Скопје предводени од Александра Коцевска – мецосопран, придружувана од Билјана Петровска – пијано и Петар Колевски – кларинет. Во суштината мисијата на здружението „Етно ризница“ е токму тоа, да се доближи нашето историско-културно наследство до помладите генерации користејќи ги сите технолошки средства со кои може да се преработат овие композиции. Што се однесува до публиката, ќе може да има максимум 30 присутни во салата, со редарска служба, мерење на температура, задолжителни маски, дезинфекција на рацете, социјална дистанца од два метри, изјави претседателот на здружението, Драган Јакимовски.

Тој ја оцени оваа година како успешна за здружението, бидејќи и во услови на пандемија се одржале предвдидените манифестации, единствено поради ковид кризата, не е реализирана манифестацијата „Шопска свадба“ во селото Куклица која се организираше претходните пет години и не се одржа детскиот фестивал „Распеано детство“ кој што годинава требаше да се возобнови, посочува организаторот.

– На локалитетот Камени кукли го одржавме настанот „Вечерен танц на куклите“ по трети пат, а минатиот месец на платото пред Центарот за култура го одржавме „Тумба фест“. Песните од фестивалот веќе се прифатени, гостуваат пејачите, неколку песни на социјалните мрежи и на Јутјуб каналот имаат преку илјадници посети, изјави Јакимовски.

Целовечерниот концерт во рамки на фестивалот „Денови на Балканска Етно ризница“ ќе започне во 19 часот.