Второ место освои Јана Поповска, претставничката на Пошта на Македонија на 49. литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз, организиран по повод 9-ти Октомври Светскиот ден на поштите.

Поповска е ученичка во ООУ „Елпида Караманди“, Битола, а нејзин ментор е професорката по македонски јазик Сузана Петковска. Таа се натпреваруваше со писмото „Добар ден, добар човекува“ во кое изнесува видување за тоа како ги доживеала промените што ги наметна ковид пандемијата. Првото место на конкурсот на Светскиот поштебски сојуз го доби Волга Валчкевич од Белорусија, а третото место му припадна на Фан Хоанг од Витнам.

-Јана е нашата хероина, бидејќи првпат во своето 49 годишно постоење претставник на Пошта на Македонија добива медал на Меѓународниот конкурс за млади на Светскиот поштенски сојуз. Награденото писмо на нашата Јана е едно од 1,2 милиони писма кои оваа година пристигнаа на Конкурсот во седиштето на СПС во Берн, Швајцарија, изјавија за МИА од националната Пошта.

Генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз Хусеин Бишар, пак, по овој повод истакна дека секое писмо блеска со иновативност и креативност, а тоа се квалитети кои постојат кај секое дете како и на кој начин тој или таа го гледа светот. -Тоа е искра која не повикува внимателно да слушаме и да посветиме внимание. И оваа година победниците не се разликуваат од тоа, порача Бишар.

Како што потенцираат од Поштата на Северна Македонија, искрата во писмото на Јана е дел од оваа креативност и инвентивност и таа не повикува да ја слушнеме и да посветиме внимание на она што не опкружува: „ И самата не знаев дека се радувам и на училиштето во есен и тоа до неодамна, само до пред десетина дена, кога… се случи нешто многу необично! Училиштето ни се затвори. А и другите училишта, не само кај нас… Насекаде! Низ целиот свет. Рекоа: смртоносен вирус! Не сакам светот околу нас да остане онаков каков што го оставивме пред десетина дена!? Ние, децата, сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици. Сакаме сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет“.

-Да го слушнеме гласот на Јана и светот заедно да го направиме подобро место за живеење. Јана е нашиот глас во Светот, порачуваат од Пошта на Северна Македонија, честитајќи и го успехот на Јана воиме на сите вработени.

Писмото „Добар ден, добар човеку!“ отпатува на натпреварот во Берн, како првонаградено на 49. конкурс „Напиши порака на возрасен за светот во кој живееме“, што го спроведе Пошта на Северна Македонија во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата, како дел од активностите за одбележување на Светскиот ден на поштите. Второ место на домашниот конкурс освои Тодор Пењушков од ООУ „Димката А. Габерот, Ваташа, Кавадарци, а трето Ела Мустафи од ООУ „Башкими“, Гостивар. За наградените ученици, учесници на конкурсот во државава се обезбедени парични награди.