На пригодна свеченост организирана согласно протоколите за заштита од Ковид-19, невладината организација „Тернипе МК” од Делчево одбележа 40 години постоење.

Организацијата е основана во далечната 1980 година, со главна цел, како што рече претседателката Ермина Реџепова, за остварување на поширок заеднички интерес со посебни цели и задачи.

– Меѓу тие цели е едукативната работа со возрасни, млади и деца, организирањето на различни активности за зачувување на културата, традицијата, уметноста, фолклорот и јазикот на секој етникум како и потикнување и унапредување на образованието кај младите Роми, рече Реџепова.

Како една од најважните цели на организацијата, како што посочи, е заштитата и унапредување на културното и традиционалното наследство на секој етникум.

– Тука ќе ги споменам обичаите, културата, јазикот како и националните обележја. Во таа насока, а во рамки на Ромскиот културен и едукативен центар, работи Културно-уметничкото друштво „Тернипе МК”, друштво кое со своите членови кои продефилирале во ансамблот ја презентираат и пренесуваат ромската култура преку песни, танци и обичаи во Македонија и надвор од неа, додаде Реџепова.

Четириесет годишниот јубилеј „Тернипе МК” го одбележа со свечена академија на која беа доделени благодарници и признанија на институции, здруженија и поединци кои со своите дела, дале несебичен придонес за развој на делчевската невладина организација.