Двократната олимписка шампионка Микаела Шифрин ќе го пропушти почетокот на Светскиот куп сезона 2020/21.

Дваесет и петгодишната Американка има проблеми со грбот. Таа нема да се натпреварува на првиот натпревар во Зелден, Австрија, каде што ќе се одржи велеслалом.

Ме советуваа да го прескокнам Зелден за да ми закрепне грбот и да можам да учествувам на сите трки до крајот на сезоната, напиша Шифрин на Инстаграм. Пред 8 години започнав во Зелден и многу сум разочарана што нема да можам да настапам. За среќа, повредата ќе заздрави и наскоро ќе се вратам на стартот, се надева Американката.

Шифрин ја прекина претходната сезона поради смртта на нејзиниот татко, а нејзиниот план за враќање на патеките во март пропадна поради пандемијата на коронавирус.

Микаела Шифрин е петкратна светска шампионка, двократен олимписки победник и победник во Генералниот пласман во Светскиот куп во 2017, 2018 и 2019 година.