Ќе се реконструира објектот на поранешниот хотел „Солун“ во Куманово со проект на Центарот за развој на североисточниот плански регион поддржан од Европската Унија преку прекугранична соработка со општина Дупница од Бугарија.

– Проектната документација е во завршна фаза. Се надеваме дека со крајот на октомври ќе почне реконструкција на поранешниот хотел „Солун“. Планирано е за шест месеци да биде вратен во првобитна состојба. Колку средства ќе бидат потрошени зависи од тендерската постапка, предвидени се околу 180.000 евра за целиот проект – изјави Александар Крстевски, координатор на проектот.

Објектот ќе го задржи автентичниот изглед и ќе го користат граѓанските организации. Секторот за евроинтеграции од Општина Куманово лани го изработи проектот за обнова на поранешниот хотел „Солун“, еден од најрепрезентативните објекти, лоциран на улицата „Иво Лола Рибар“ во централното градско подрачје.

Овој објект ќе се конзервира, реставрира, санира и адаптира. Во приземјето се предвидува повеќенаменски простор за презентации, трибини и инфоцентар, а во просториите на првиот кат е планирано да има административни простории.

Бенефитот од реализацијата на овој проект, велат од општината, е повеќекратен и вклучува подобрување на туристичкиот потенцијал во регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природното и културното наследство.