Површината околу Спомен Костурницата во Куманово од наредната недела ќе се реконструира, најави на денешната прес-конференција градоначалникот, Максим Димитриевски.
Инфраструктурниот проект се спроведува преку заедничка апликација за прекугранична соработка на општина Куманово и општина Гњилане, во рамки на обновување и зачувување на културното наследство на територијата на двата града.
Со проектот е предвидено партерно уредување на локацијата со изградба на три спортски терени, дополнително изградба на амфитеатар на постоечкото игралиште и доколку се заштедат средства преку тендерска постапка, тогаш ќе се реконструира и постоечкото игралиште. Предвидено е да се вклучи и ЈП „Чистота и Зеленило“, кое, како што најави Димитриевски, ќе ги пресади постоечките садници и ќе засади дополнителен број нови насади за да се зголеми зелениот капацитет во градот.
– Сметаме дека овој проект, којшто веќе втора година работиме на него е од исклучително значење за нашиот град бидејќи Спомен костурница е едно место каде што со години не е инвестирано, ќе се зголемат не само спортските капацитети, туку дополнително ќе се дадат и поголеми можности на нашите граѓани да се рекреираат во овој дел на градот, а од историски аспект секако дека е многу значајна бидејќи тука се наоѓаат и остатоците на нашите предци коишто учествувале во Втората светска војна. Верувам дека во иднина и државата ќе изнајде дополнителни средства да го реконструира и споменикот на Спомен костурница којшто е споменик од прва категорија и е под заштита на државата, а ние да пристапиме дополнително на партерно уредување. Оваа локација треба веќе следната година да добие нов модерен лик со изградени нови спортски терени и дополнителни трим патеки за трчање, рекреирање на младите луѓе и дополнително да се намонтира урбана опрема, клупи, справи за вежбање и рекреација итн. …, изјави Димитриевски.
Проектот, рече тој чини, околу 180.000 до 190.000 евра како грант од ЕУ и се заблагодари, додавајќи дека е распишана тендерската постапка, а се очекува проектот да заврши до крајот на наредната година.
Тој информираше дека по завршување на проектот да побара согласност од Советот, да се вработат редари кои би се грижеле за локалитетот, кој не ретко е мета на вандали.
Раководителката на проектот, Донка Петровска, информираше дека покрај партерно уредување обезбедени се средства за реконструкција на познатата Спомен Куќа преку проектот: Иницијатива за прекугранична соработка (МАКС – ФОРУМ) која исто така е финансиран од ЕУ, а се имплементира во партнерство помеѓу: Институт Балкан Про Европа – Скопје и Косовска Фондација за културно наследство без граници. Спомен Куќата во иднина ќе послужи за изложба на експонати од културно и историско значење на градот.