Откриени се пет лица кои вршеле превоз на патници по подшарпланинските села во Гостиварско без соодветни лиценци. Полицијата ги санкционирала и наскоро ќе се соочат со кривични пријави.
Од СВР Тетово информираа дека денеска во периодот од 10 до 13 часот, на регионалниот пат Гостивар-Градец, службеници на гостиварското Одделение за безбедност на патниот сообраќај, во координација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, спровеле акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници.
– При контролата откриени и законски санкционирани се вкупно пет возила, од кои четири комбиња и едно патничко возило, кои превезувале патници без потребните документи, односно лиценци. На нивните сопственици ќе им бидат изготвени кривични пријави согласно членот 284 А од Кривичниот законик, неведуваат од СВР Тетово.
Оттаму најавуваат дека контроли во делот на јавниот превоз ќе има и во наредниот период. Со нив се очекува да се откријат и отстранат од сообраќај возилата кои вршат јавен превоз без потребни документи, технички неисправни и случаи кога ги управуваат лица без соодветни возачки дозволи.