Вкупно 1.130 деца посетуваат физичка настава во Кавадарци, во согласност со мерките за заштита од вирусот Ковид-19, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Тој соопшти дека 392 првачиња од Кавадарци во 21 паралелка, денеска тргнале на училиште.

Физичко присуство од прво до трето одделение има во сите централни и подрачни училишта. Останатите ученици од четврто до деветто одделение следат настава онлајн, освен учениците во подрачните училишта во селата Сопот, Возарци, Дреново, Марена и Бегниште, каде се исполнети условите за настава со физичко присуство. Услови за физичко присуство има и во Основното музичко и балетско училиште.

– Сите училишта во општина Кавадарци денеска започнаа со настава, нагласи Јанчев, честитајќи им го почетокот на учебната година на сите ученици.