По шест месеци пауза, во гевгелиските основни училишта денеска почна новата учебна година со поинакви услови поради присуството на коронавирусот, со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение.

Првиот училишен ден почна со почитување на пропишаните протоколи за заштита од Ковид-19 и изготвен распоред за етапен влез на учениците при што на сите им беше мерена телесна температура.

За првпат во училишните клупи на гевгелиските училишта денеска седнаа 202 првачиња на кои градоначалникот Сашо Поцков им посака успешен почеток на новата значајна фаза од нивниот живот и порача дека и покрај пандемијата наставата според предвидените протоколи ќе се одвива комбинирано, со физичко приуство и онлајн.

Револт од ваквата одлука искажаа родители на ученици од Миравци кои сметаат дека нивното училиште ги задоволува условите за физичко присуство на наставата за сите ученици од прво до деветто одделение и му порачаа на Министерството за образование и наука да ја преиспита одлуката за одвивањето на образовниот процес во основното училиште во Миравци.


Администратор
01/10/2020 16:15