Хаосот со т.н. национална платформа за учење на далечина не завршува со нејзиниот крах. Имено, несносењето одговорност на надлежните во врска со хаотичната состојба, изгледа им дава слобода на одделни училишта да бидат уште „покреативни“ во третманот со учениците.
Па така училиштата во Охрид со ултиматум до родителите кои избраа нивните деца од прво до трето одделение наставата да ја следат со учење на далечина. На располагање имаат само една опција-секој ден во исто време родителите да подигаат печатени материјали кои децата ќе ги работат дома, а потоа решените задачи да ги враќаат назад.
Ако тоа не го направат, децата ќе бидат евидентирани како да не ни дошле во училиште.
-Парадоксално е да не му овозможуваат настава на моето дете, а да му запишуваат неоправдани изостаноци кои влечат санкции по кои следува намалено поведение, а и бркање од училиште. Дали ќе ми даде некој мене плата што работата на наставникот ќе ја вршам јас дома? Бојкотирам, нека го испишат од училиште моето дете или нека ме пренасочат кај некој наставник од сродното одделение во градот или во друг град, нека следи моето дете онлајн настава. Моето дете има право и законски му селедува настава, вели Марина- родител од Охрид, за Алфа.