Албанскиот премиер доцна синојќа на својот официјален фејсбук профил објави слика од Република Македонија, поточно од Кривошијска река на Шар Планина и пределот познат како Лешница, претставувајќи го како една од убавините во Албанија.

- #BeautifulAlbania🇦🇱❤️ #KanioniLeshnicës 😊, стоеше кратко во неговиот фејсбук пост.

Инаку за пределот Лешница е познато дека поради големиот надолжен пад, долж течението на Кривошијска Река се јавуваат повеќе водопади и еден слап. Така, околу 1 km низводно од извориштето е првиот покарактеристичен водопад кој се нарекува Кривошијски водопад или Горно Цкало. Интересно е што без оглед на релативно малиот протек, водната завеса преку карпата е широка 2-3 m и се распрснува во бројни ситни капки кон подножјето. Овде, глетката е навистина импресивна, посебно кога ќе се забележи водопадското виножито. Инаку, во карпестите маси странично од водопадот има две поткапини длабоки по десетина метри во кои може да се засолните при лошо време.

На околу 1 km низводно, реката повторно избива на површината и преку серија од брзаци доаѓа до големиот Кривошијски слап (Долно Цкало). Слапот се наоѓа на надморска височина помеѓу 1550 и 1600 m и се состои од вкупно 6 водопади. Истите се лесно достапни по уредената и означена патека која започнува од шумскиот пат во близината или од Долна Лешница. Посебно возбудлив е горниот водопад висок 11,2 m (6,7+4,5 m) чија вода паѓа во кружно издлабена карпеста сала, создавјќи голем базен (џиновски лонец) на дното. Поради прекршувањето на светлината и бојата на карпите, водата како да ја менува бојата од светла, пенлива до зеленкасто-сина. Полузатворената карпеста сала, настаната со вековната ерозија на водата, создава силно ехо од водопадот, а сето тоа ве фасцинира и ве остава без здив. (Целиот текст за убавините на овој предел во Република Македонија може да се прочита на игеографија.мк )

Токму сликата од горниот водопад во Лешница е објавена на фејсбук профилот на Албанскиот премиер. Дали е направена грешка или пак намерно е потенцирано дека Лешница се наоѓа во Албанија, останува јавноста да процени.


Администратор
29/09/2020 02:08