Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари го предадоа во употреба објектот за згрижување на деца од претшколска возраст „Сонце“ во селото Долна Бањица, каде засега ќе се згрижат околу 60 деца на возраст од две до шест години во две групи.

Шахпаска истакна дека згрижувањето на децата во градинки е проект којшто е многу значаен за оваа влада и за целото општество. На ваков начин се овозможува сместување на најмладите од претшколска возраст во организирано воспитно сместувачки објекти.

– Во изминатиот период, од 2017 година до сега се отворени 49 објекти во кои има место за 3.193 дечиња. Со ова вкупниот број сега е 711 објекти за згрижување на деца. Нашите заложби како министерство, како Влада, како локална самоуправа водат кон тоа, бројот на деца опфатени во детските градинки до крајот на нашиот мандат да достигтне 60 проценти. Тоа значи дополнителни 7.500 места за сместување на децата во детските градинки, рече министерката Шахпаска по посетата на градинката во Долна Бањица.

Таа на вработените им посака успешна работа во новиот објект и напомена дека изминативе шест месеци биле соочени со затворање на градинките заради пандемијата со корона вирусот. Притоа нагласи дека опасноста од зараза е сведена на минимум доколу се почитуваат протоколитие од страна на сите чинители коишто учествуват во овој синџир на сместување на деца.

– Сите ние треба да бидеме на нивото на нашата општествена одговорност. Затоа што во ваквите објекти ги сместуваме најмилите, иднината на нашата држава и оттука апелирам до сите вработени во градинките да ги почитуваат прописите кои ги предвидуваат протоколите на здравствените власти, подвлече министерката

Градоначалникот Таравари ја искористи оваа прилика да ја истакне добрата соработка со Министерството за труд и социјална политика и напомена дека иако припаѓа на опозциониот блок очекува таа да продолжи како и претходно.

– Ова е петти објект за згрижување на деца од претшколска возраст што ставаме во функција откако раководиме со општината. Разговаравме со министерката и за отворање на уште два за следната година. Плановите ни се да се отвори и современ центар за деца со посебни потреби во поранешниот колеџ Јахја Кемал кој официјално од денеска премина во сопственост на Општина Гостивар. Правиме подготовки и вложуваме напори во тој објект да започне со работа и првиот регионален центар за аутизам, рече Таравари.

Новата градинка која ќе работи во склоп на ЈУ „Детска радост“ е сместена во поранешно училиште, а во нејзиното опремување и адаптација беа инвестирани околу сто илјади евра, пари што ги обезбедија општина Гостивар и МТСП.


Администратор
28/09/2020 23:58