Од „глупости невидени до каде забегаа?!“ - изјава на Заев кога јавноста и опозицијата стравуваше од наметната двојазичност насекаде во државата, до степенот да се бара двојазичност и во бизнисот насекаде.

Последното е барање на БЕСА, која во обид да се „трка“ во демонстрирање на национализам со ДУИ очигледно е дека предничи во неколку чекори. И на сето ова аминот експресно стигнува од премиерот Зоран Заев. За кој пак, ако судиме според Пи Ар рекламата, стои 100-тина чекори зад неговиот прв заменик Артан Груби, кој пак сите пресконференции ги почнува на албански, без исклучок, па дури потоа зборува македонски, а и има свое лого.

Сумирано гледано, од изјавата на Заев дадена на 07.12.2016 година, која гласи: „Кој бе тоа ќе спроведе во Струмица, во Радовиш, во Прилеп, во Кавадарци двојазичност? Глупости невидени до каде забегаа“, до ова сега што се случува, реално е основан стравот дека бизнисот ќе мора да биде двојазичен за да егзистира како што треба.

Тоа значи и во медиумите. Особено откако владин функционер, поточно министерот Крешник Бектеши ги искара новинарите оти не зборат албански, игнорирајќи го Уставот и она што стои во него како одредба дека официјален јазик е македонскиот.

-Вас ви одговарам на македонски, на новинарите Албанци им одговарам на албански јазик. Секој дополнителен јазик е додадена вредност, тоа секако би било и за вас како новинари, имајќи во предвид дека има и многу функционери, но имате и многу колеги кои го зборуваат тој јазик, изјави Бектеши.

Дека е добро македонските новинари да научат албански порача и министерот за животна средина, кој прв пат после година и пол министерување проговори македонски на прес конференција.

-Можам да се изразувам многу добро ако сакате да знаете, ќе се научам полека нормално. Албански не е лошо да знаете, бидејќи сигурно не зборувате албански, изјави Нуредини на не толку добар македонски.

Од она што го гледаме по изборот на старо-новата владата, очигледно е дека економскиот раст и подобар живот не биле приоритетните заложби. А овие ги бараат очајно и албанската заедница и Македонците во земјата, на народот не му е до јазикот, туку до парче леб.