Поведена е кривична пријава против еден полициски службеник, кој вчера брутално нападна Ром во Битола. Тој заедно со уште еден негов колега кој бил присутен за време на инцидентот ќе бидат суспендирани, објави попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој го осуди и нападот на полициските службеници од страна на двокрадци во Велешко. Приведени се четири лица и се идентификувани 10 дополнителни лица кои учествувале во нападот, сите, како што рече Спасовски во одговор на прашање, се од ромска националност и се од Прилеп и ги нападнале полициските службеници со дрва камења и се што им се нашло при рака. Спасовски рече дека се вршат претреси и се преземаат дополнителни активности со цел да се расчисти случајот. Очекува и брза постапка од Обвинителството.
– Очигледно е дека зголеменото присуство на полицијата на терен и јасната порака дека влегуваме во пресметка со криминалот предизвикува реакции кај криминалците. Таков е и случајот со дрвокрадците кои вчера нападнаа петмина полициски службеници од кои еден е со серизни тешки телесни повреди и е во Клиничкиот центар во Скопје. Тој е контактибилен и го посетивме заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, но има фрактура на черепот и на коските на лицето, како и фрактура на подлактица, рече Спасовски.
Министерот нагласи дека секој кој ќе нападне полициски службеник ќе се соочи со законот.
– Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесувања нема да се толерираат во ниту еден случај. Јасно порачуваме дека насилниците кои удрија врз полициските службеници ќе одговараат. Очекувам и брза постапка од ЈО без калкулации за заедно да придонесеме насилниците да одговараат. Мораме да ги демотивираме криминалците да го прават тоа, посочи Спасовски и додаде дека во последните 15 дена има многу оперативни акции за сузбивање на криминалитетот.
Спаосвски најави дека МВР во наредниот период поинтензивно ќе влезе во пресметка со криминалот и криминалците.