Во основните училишта во Општина Гевгелија, според владината одлука, покрај учениците од прво до трето одделение, наставата со физичко присуство ќе ја следат и учениците од четврто и петто одделение само во ООУ „Климент Охридски" во Миравци.

Покрај ова, дозвола за физичко присуство на настава за ученици од прво до петто одделение добија и подрачните училишта во селата Богородица, Давидово, Милетково, Смоквица, Прдејци, Кованец, Моин и Мрзенци.

Двете основни училишта од Гевгелија и училиштето во Негорци, освен за учениците од прво до трето одделение, не добија согланост за организирање настава со физичко присуство за останатите одделенија поради тоа што вкупниот број на ученици во нив е поголем, со што се зголемува и ризикот од ширење на корона вирусот.

Согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците не добија ниту гимназијата и основното музичко училиште од Гевгелија. Во овие училишта со физичко присуство ќе се следи само практичната настава по стручни предмети во гимназијата и вежбите на инструмент во музичкото училиште,со согласност на родителеите и почитување на пропишаните епидемиолошки мерки.

За сите други ученици наставата по теоретските предмети ќе се одвива од далечина.


Администратор
24/09/2020 16:49