Вицепремиерот за евроинтеграции и поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров, вчера гостуваше во емисијата „360“ степени на Алсат Телевизија. Во исто време, актуелниот министер за надворешни работи и поранешен Вицепремиер за евроинтеграции гостуваше во новата емисија насловена како Еврофокус на Телма Телевизија.
Ако внимателно се анализираат нивните изјави во интервјуата дадени во ист ден на две телевизии за претежно иста тема, очигледно е да се заклучи дека Османи и Димитров во јавноста пласираа две спротивставени тези односно контрадикторни изјави во однос на позицијата и барањата на Бугарија за Македонија во пресрет на оддржувањето на првата меѓувладина конференција како симболичен старт на процесот на преговори на Македонија со Европската Унија.
Имено, сегашниот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека оддржувањето на меѓувладината конференција е завршена работа и одлуката за започнување на преговори на ЕУ со Македонија е донесена со консензус.
- Одлуката за започнување преговори веќе е донесена со консензус на сите 27 земји-членки на 25 март 2020 година и Меѓувладината конференција претставува само операционализација на веќе донесена одлука и веќе постигнат консензус. Ние сме подготвени за овој процес од поодамна и имаме јасна визија што треба да правиме, но не смееме работите да ги придвижиме со емоции. Не мислам дека инциденти во комуникацијата како што е бугарскиот објаснувачки меморандум до земјите-членки треба да ја урнат Спогодбата за добрососедство и пријателство која е одржлива рамка што ја дава правната основа за комуникација меѓу двете држави и мора да ја негуваме и почитуваме. Овие писма ќе ги третирам како излегување од тоа што го предвидува Спогодбата, но тоа не значи дека поради тоа отстапување треба да го рушиме договорот, рече Османи во интервју за ТВ Телма.
Но неговиот колега од истата влада и наследник на вицепремиерско столче Никола Димитров, во интервјуто истакна дека се надева дека Бугарија ќе крене рака за оддржување на првата меѓувладина седница меѓу Македонија и ЕУ.
-До декември нема многу време, треба да се сретнуваме, да разговараме, да има обиди низ Комисијата во рамки на тоа што е пристојно да се разговара. Ова прашање не треба да се потценува. Нема многу време, не е ни дека нема воопшто. Наше е да направиме се што можеме да најдеме начин и Бугарија да биде таа што ќе дигне рака за нашата прва Меѓувладина конференција, рече Димитров.
Оттука се поставува прашањето кој министер од истата влада во јавноста ја говори вистината. Османи кој вели дека оддржувањето на меѓувладината седница е веќе завршена работа или Димитров кој вели дека Бугарија треба да крене рака за нејзино оддржување.
Инаку, пред некој ден, одговорајќи на новинарски прашања, Бујар Османи истакна дека нема ривалитет помеѓу него и Димитров. Дали е така и во практика, останува јавноста да процени, откако битката за поголема медиумска застапеност започнаа да ја водат на неколку дена по формирањето на Владата, па во исти ден се појавија на две одделни интервјуа на речиси идентична тема.