Во комисијата не се преговара за идентитетот на Гоце Делчев, ниеден историчар во Македонија нема да потпише дека Делчев е Бугарин, рече вечерва професорот и член на мешовитата комисија со Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, во емисијата „Што не е јасно?“.

-Ниту во нивните предлози немаат кажано дека Гоце Делчев е Бугарин оти знаат на што ќе наиде тоа, но во другите елементи се прекршуваат многу други копја , односно предложуваат работи кои мислат дека еве можеби ќе помине. Иако бугарските колеги се чукаат во гради со моќни изјави надвор, свесни дека тоа и не е баш така. Не случајно е избран Делчев бидејќи тој е најважниот лик за македонската историја. Има две препораки до двете влади, и се однесуваат на тоа зошто евентуално за Гоце Делчев би можело да се положи цвеќе заедно некаде, некогаш. Се злоупотребува прикаската за историјата, бришење и пишење учебници, но не, науката воопшто не подлежи на никаква цензура, критика, не смее ни да помисли некој. Ги следиме учебниците во рамки на комисијата, но тоа се елементарни познавања а не сериозна наука, вели Ѓорѓиев.

Тој смета дека стратешки се форсира ликот и делото на Делчев од страна на бугарските колеги историчари, но не директно преку идентитетот, туку поинаку.

-Колегите од истокот мислат дека ако преку тоа што ќе инсистираат на заедничко чествување на одредени ликови и празници, во иднина ќе не „ослободат“ од некакви заблуди, и дека можеби некој ќе се осознае некогаш дека не е македонец туку бугарин, додава Ѓорѓиев.