Делчев е нашиот последен бастион, нашата тврдина. Нема да отстапиме ниту милиметар од Делчев, истакна вечерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМН, на протестот „За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев“.

Тој нагласи дека Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет, столбот на нашето постоење како народ, нагласувајќи дека го има и во химната.

– Народот е најважен, затоа што народот е државата, не смее да и дозволиме на власта да станеме територија, не држава. Протестираме затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива Европската унија, а нашата иднина е токму таму во Европската Унија, рече Мицковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека протестот се одржува и за Гоце Делчев и за Европската Унија, посочувајќи дека народот е собран за почитување на различноста, солидарноста и взаемното разбирање.

– Овој народ си ги сака Делчев затоа што Делчев е симболот на Македонија, Делчев е нашата тврдина која што нема да ја напуштиме. Делчев обединувал, а денес СДСМ, предводена од Зоран Заев, разединува. Тоа е таа трагедија на денешното време којашто ние ја живееме. Затоа сме денес тука за да кажеме дека мафијата не е посилна од вистината, изборот е или СДСМ или вистината, или Македонија или мафија, рече Мицковски.

Тој упати поддршка до историчарите кои ја застапуваат македонската страна за прашањето за Гоце Делчев.

– Нашите историчари кои разговараат мораат да знаат дека ја имаат нашата поддршка, поддршката од народот, кога веќе ја немаат од власта. Поддршка за нашите историчари кои се борат за македонските позиции, рече Мицковски.

Упати и реакција на тезата на власта, оти патриотизмот значи заостанатост во минатото. – Сакам јасно да реагирам на една теза на власта, тоа е дека патриотизмот значи некаква демоде политика и заостанатост во минатото, дека тоа било популизам и некаква анти ЕУ позиција, дека откажувањето од Делчев, според власта, е една од стоте работи кои мораме да ја проголтаме за некаква подобра иднина. Не е така. Македонизмот и она што сме не е ништо помалку важно од она што сме. Македонизмот е над и пред се, рече Мицковски.


Администратор
15/09/2020 20:43