Претседателот на Здружението „Тиквешки лозаро-овоштари“, Златан Стојчев, добил „удар“ од винаријата со која имал склучено договор за откуп на грозјето, откако јавно проговори за тешкото секојдневие на лозарите. По упатените критики до надлежните договорот му бил раскинат, а гросјето сега го продал по, како што вели мизерна цена.

-Имав договор за 30 тона „мерлот“ и се беше добро до последниот момент, додека не се појавив на телевизија и ми го раскинаа договорот. И морав да го дадам грозјето наместо по цена од 20 денари, морав да го дадам по цена од 10 денари. Тоа се 5.000 евра веднаш во стартот „заклан“. Тоа може само во нашата држава, во нашава држава се’ бидува, притисоци од сите страни, вели за Алафа, Стојчев.

Тој но и останатите не веруваат дека по минатонеделната средба со премиерот Зоран Заев, кога тој им ветил дека годинашниот род целиот ќе бил откупен - ќе се оствари.

-Бербата е за никаде, затоа што нема ни 10% од луѓето што берат. Нема откупни пунктови. Ние сме уплашени, дури и преплашени дека грозјето ќе остане изгледа по нивите. Ситуацијата е загрижувачка. Ние предлагаме, тоа грозје што ќе остане необрано, тоа грозје да се мери втор пат и да се истури на депонијата, а државата да ги обесштети луѓето.Тоа е родено, трошоците се направени, да се мери на вага, еден да се потпише на депонијата и да се истури на депонијата да има утре ние кого да тужиме, затшто виновник е државата. Грозјето 60-70 % изгледа ќе остане на нивите, необрано“, вели лозарот Дано Јошев.