На предлог на Министерството за образование и наука, денеска на владина седница беа разгледани и Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за основното и средното образование, кои ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија.
Предложените законски одредби обезбедуваат безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата како учениците, наставниците и друг ненаставен кадар и родители, преку подготвен кадар за следното: како да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно препораките дадени од Министерството за здравство-Комисијата за заразни болести во врска со мерките за превенција и контрола на КОВИД-19.
На предлог на истото Министерство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на феријалната практика и практичната настава во средните стручни училишта во учебната 2020/2021 година и ги разгледа и усвои дополнителните исклучоци во наставата од далечина за феријалната практика и учење преку работа кај работодавач и практична настава во стручното образование да се одвива со физичко присуство на учениците.
Исто така беа усвоени и Протоколите за постапување на средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука во Република Македонија за спроведување на практичната настава со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во секторот машинство, секторот земјоделие, рибарство и ветерина, секторот хемија и технологија и секторот лични услуги со задолжување, Министерството за образование и наука да ги извести средните стручни училишта за реализацијата на феријалната практика и практичната настава.