Две контрадикторности денеска излегоа на виделина во настапот на старо-новата власт. Прво, вицепремиерот, Артан Груби практично во изјава призна дека „одлуките на секојдневно ниво со Заев ќе ги носат кохезивно“, односно првиот премиер не ќе може да одлучува без вториот.
Она што Заев го негираше откако се соопшти составот на новата влада, дека во нејзиното практикување тој нема да зависи од потписот на Груби - денеска неговиот прв заменик јасно го кажа.
Ова го направи давајќи изјава, по средба, во владин кабинет само со министрите од партијата на која тој и припаѓа- ДУИ.
На видеоинсертите од средбата Груби седи во премиерската фотелја, а околу него се колегите од ДУИ. Зошто Груби ги собрал само шефовите на ресорите само од ДУИ? Дали со ова не се испраќа порака дека позицијата на коалициониот партнер на Заев е практично „влада во влада“?
- Секако, ќе работиме заедно. Ние сме коалициска Влада и моја задача првенствено е да ги хармонизираме нашите ставови во програмата која заеднички ја имаме сплотено и усвоено и да ја имплементираме. Секако, дијалогот меѓу нашите две политички партии кохезивно во новата Влада ќе треба Заев и јас да го спроведеме во секојдневни дејствија, рече Груби после средбата, а пред да се упатат на прием кај шефот на државата.
Втората работа за која денеска се слушна контрадикторност е вработувањето по етничка основа во бизнис секторот.
Имено, пред само неколку дена, во презентацијата на владината програма беше нагласено дека „ќе се стимулира бизнисот за вработувања на основа на етничка припадност“.
Денеска на новинарско прашање како тоа ќе се стимулира бизнисот, и како некој би можел да му наметне на стопанственик дека треба да вработи некој само заради тоа што припаѓа на извесен етникум - Заев одговори дека такво нешто немало да се случи.
Според него „сега било најважно бизнисот да се развива и да расте“.