Иако за денеска беше најавена седница за избор на Претседател на Собранието кој според партискиот договор меѓу ДУИ и СДСМ, Талат Џафери требаше да биде изгласан за старо-нов спикер на законодавниот дом, сепка седницата не беше воопшто закажана.

Според извори на Макпресс, иако во текот на целиот ден се собирале потписи за продолжување на седницата, формирање на Комисија и предлагање на Џафери за Претседател на Собранието, внатре партиски проблеми во ДУИ спречиле продолжување на конститутивната седница.

Извори во владеачката партија, велат дека станува збор за конфликт во редовите на Демократската унија за интеграција, односно чаирското крило, кое важи за едно од појаките во партијата, не се согласувала со изборот на Артан Груби за прв вицепремиер како и изборот на Османи за министер за надворешни работи, за кои велат дека не може да биде „вечен“ функционер и експерт во сите области со оглед на неговото „прешалтување“ од едно во друго министерство години наназад.

Изет Меџити, кој беше поранешен градоначалник на Чаир, Арбен Зибери и Берат Ајдари биле ударната тројка во ДУИ која се противела на изборот на персоналните решенија во новата Влада, и барале или промена на Груби од вицепремиерското место или добивање на дополнително вицепремиерско место.

Седницата за избор на Џафери синоќа ја најави лидерот на ДУИ Али Ахмети, при објавувањето на министерските места на партиски состанок на највисокото раководство.

Со изборот на Џафери треба да биде и официјализирано мнозинството во Парламентот по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА на Мендух Тачи. Според бројот, владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.