Позната и веќе мрачна фраза „на есен“ во објаснување на полошото ковид-сценарио што не очекува, доаѓа за само еден месец. За ова министерот Венко Филипче минатата недела најави 16 монтажни болници. Но до каде се? Поставени ли се веќе и каде? Конкретен одговор нема, затоа што и монтажните болници ги нема.
Екипата на Алфа го проверила теренот во Струмица и Гевгелија, каде исто така треба да има.
Градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков бил на одмор.
-Барајте одговор од министерот и министерството за здравство, затоа што ние имаме дадено само начелна согласност. Тоа допрва ќе се решава. Не е издадена ниту дозволата за изградба. На седницата на советот на 27-ми ќе има расправа за тоа, велат од општината.
Министерството пак, иако секојдневно предупредува за страшна иднина, уште биле во „фаза на подготовка“. Конкретен датум за поставување не кажуваат.
-Проектните единици на Министерството за здравство и Светската банка во моментов активно работат на припремни постапки за отпочнување на процес на изградба и ставање во функција на 16те Ковид центри во државата. Тие се во фаза на подготовка и штом бидат во фаза на ставање во функција, ќе бидете навремено информирани, велат од Министерство за здравство.
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, вели дека се правеле подготовки, но за тоа им биле потребни финансиски средства.
-Заради ситуацијата со Корона ние ќе се обидеме да изградиме монтажна болница навреме, но за тоа треба да се издвојат финансиски средства кои сепак не се предвидени во буџетот на општина Струмица, па од некоја програма ќе мораме да скратиме, вели Јаневски.