Учебната 2020/2021 ќе почне со онлајн-настава освен за учениците од прво до трето одделение и во училишта со помал број ученици и паралелки во средини со стабилна епидемиолошка состојба, за што општините ќе добиваат согласности од Владата. Ова беше и конечен предлог на Комисијата за заразни болести, а одлуката денеска на седница ја донесе Владата.

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција рече дека според протоколот, во училницата нема да има повеќе од 20 деца, распоредени на растојание од 1,5 метри, со носење заштитни маски. Наставникот цело време ќе треба да биде со учениците, нема да излегува на одмор, а почетоците на часовите по паралелки ќе бидат со десет минути разлика за децата да не се среќаваат во ходници и на влезовите од училиштата. За протоколите се веќе информирани наставниците, рече Филипче, додавајќи дека тие обезбедуваат мнимален ризик за ширење на вирусот.

Појасни дека инциденцата кај најмалите ученици е околу 3,4 проценти и тие имаат сосема лесна форма на болеста и често се асипмтоматски носители. Сепак, родителите ќе имаат можност да изберат нивните деца што се на таа возраст наставата да ја следат и онлајн, зашто во некои семејства има хронично болни членови (родители, баби, дедовци) или се во категорија од висок ризик.