Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС) соопшти дека ги презел сите потребни мерки за адаптација на неговите студенти, професори и вработени во услови на пандемија, за што поуспешна и побезбедна настава во новата учебна 2020/2021 година од 1 октомври и минимален ризик од ширење на вирусот.

Преземените мерки Универзитетот ги претстави и преку видеоанимација. За дел од групи студенти се предвидени хибридна настава, целосно онлајн и настава со физичко присуство која ќе важи за задолжителните вежби што ќе се реализираат на Универзитетот со мали групи студенти.

Хибридната подразбира физичко присуство со половина од капацитетот на предавалните, ротирање на студентите на секои 14 дена – предавална и онлајн и активно учество на сите студенти во наставата преку најсовремена видеоконференциска опрема инсталирана во предавалните. Дел од групите, пред сѐ за настава на квантитативните предмети и наставата на програмерските предмети, целосно ќе се изведува онлајн и притоа ќе се применува платформата Webex на Cisco како врвен видеоконференциски софтвер.

За успешно спроведување на наставата, УАКС направи и дополнителни приспособувања – скратување на часовите и нивно спојување во блокови; организирање на физичката настава на Универзитетот во смени од 9, 11, 13 и од 15 часот, со што се намалува фреквенцијата на студенти. Академскиот календар предвидува и поголема зимска пауза за да се избегне настава во месеците во кои сезонските инфекции се најчести.

-На овој начин УАКС смета дека ќе се постигне успешен компромис помеѓу врвниот квалитет на образованието и здравствената безбедност на студентите, наведува Универзитетот Американ колеџ Скопје.