Дали и како ќе стартува учебната година треба сами да одлучат училиштата со родителите, не може генерални решенија, односно политички унифицирани, да се носат - кога секое училиште има различни простории , различно се изведува наставата, смета наставникот Гоце Бумбароски.
Според него, секое одложување на учебната година негативно ќе влијае врз образовниот процес. -Пет месеци беа доволно долг период за да Министерството ни спреми некоја платформа и да има некоја насока како би започнале со наставата од 1 Септември. Сметам дека сега е краток периодот за да правиме импровизации иако сметам дека дел од колегите наставници добро си ја извршуваа обврската со онлајн настава. Идеално решение не постои. Јас дадов едно решение да не се генерализира стартот на учебната година, односно да не се ставаат сите во ист кош, затоа што немаме сите исти стратни позиции. Јас имам одделение со 24 ученици, некој колега има одделение со 8 ученици. И зошто тој колега со осум ученици да не си држи редовна настава, затоа што тој би имал реално подобри услови од мене за да ја изведува наставата со физичко присуство, вели Бумбароски за „Алфа“.
Во меѓувреме, Комисијата за заразни болести пресече – учениците до трето одделение ќе посетуваат редовна настава, а сите други одделенија ќе учат онлајн. МОН допрва ќе ги прави списоците на училиштата каде има услови за учење со физичко присуство. Потоа протоколите ќе се усогласуваат со Комисијата за заразни болести, а Владата најверојатно следната недела ќе ги има конечните одлуки на маса.