Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска на прес-конференција го повтори ставот на партијата дека, според нив, македонското Собрание во овој момент не е комплетно конституирано. Во однос на разговорите за формирање парламентарно мнозинство, тој посочи на вчерашната изјава на лидерот на партијата Христијан Мицкоски, и рече дека за текот на разговорите тие дополнително ќе информираат.

– Претседавачот, господинот Џафери, веднаш по точката за верификација на мандатите ја прекина конститутивната седница и практично во овој момент како што стојат работите ние имаме некомплетно конституирано Собрание без претседател на Собранието, што е дел од политички договор. Тоа било така и во минатото, и доколку го сумираме ставот накратко, во овој момент не е комплетно конституирано македонското Собрание, рече Арсовски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Во врска со прашањето за разговорите за формирање парламентарно мнозинство и Влада, тој посочи на вчерашниот одговор на претседателот на партијата Христијан Мицкоски и рече дека денеска не би имал детали и не би навлегувал повеќе во преговорите.

– Да оставиме што ќе се случува и како ќе се развива текот на преговорите наредните денови, па ќе соопштиме дополнително, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.


Администратор
12/08/2020 15:21