Објавата на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу се однесува на потпишување на актите кои треба да се достават до Владата. Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата на Република Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи.

Ова стои во соопштението од МВР во врска со објавата на министерот Нухиу за потпишување на правни акти за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата.

Од МВР го појаснуваат правното толкување во однос на тоа што треба да преземе Министерството во идниот период.

– Во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон, стои во соопштението од МВР.

Согласно член 8 став (3) од наведениот закон, се подвлекува, униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

– Во членот 23 е утврдено дека во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон. Во истиот член е предвидено и дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон, а во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон, се појаснува во соопштението од МВР.

Во таа насока, постапувајќи по цитираните законски одредби, иноформираат од МВР, на 11.07.2019 година во рамки на Министерството за внатрешни работи формирана е работна група со задача да изврши анализа и усогласување на прописите за униформата на Полицијата со одредбите од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) и со Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/19).

– Како резултат на работата на наведената работна група, изготвени се текстови на Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата, соопштија од МВР.


Администратор
10/08/2020 21:00