Паркингот на Водно во текот на овој викенд го искористиле 245 возила, според бројот на испратени СМС пораки, информираат од Град Скопје.

Оттаму истакнуваат дека заедно со ЈП „Градски паркинг” вовеле зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно, како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога тоа е најпосетено.

-Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира, информираат од Град Скопје.

Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.


Администратор
10/08/2020 14:02