Заедничко справување со Ковид-19 и проширувањето со подготовката на рамката за пристапни преговори со Македонија се врвните приоритетите на германското претседателство со Советот на Европската Унија до крајот на 2020 година, кои денеска на 79. седница на Владата ги изнесе амбасадорката на Германија во Република Македонија, Анке Холштајн.

-Особено значајно за Македонија е што посебен дел од програмата е посветен и на политиката за проширување на ЕУ со кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан како заеднички интерес и за регионот и од интерес на ЕУ. Во таа насока активно се подготвува рамката за преговори за Македонија и Албанија, земајќи ја предвид новата методологија за проширување, а според Германија, рамката за преговори не треба да се усложнува со билатерални прашања кои останува да се решаваат меѓу засегнатите земји одделно, истакна германската амбасадорка.

Холштајн во презентацијата на приоритетите како најзначајни ги издвои координирањето на заложбите на ЕУ за надминување на заканите од пандемијата со КОВИД-19, економското закрепнување и постигнувањето согласност за повеќегодишната финансиска рамка и за фондот „ЕУ во следната генерација“, стабилизирање на соседството, напредок во проширувањето, партнерството со Африка и заедничката позиција за Кина.

Меѓу приоритетите, нагласи амбасадорката Холштајн, се и завршните преговори и идните релации со Обединетото Кралство, напредокот на зелената и дигиталната трансформација на ЕУ, јакнење на европската солидарност и социјална кохезија, прогресот во политиките на ЕУ за миграциските и прашањата за азил, јакнењето на владеењето на правото како клучна основа на ЕУ и зајакнувањето на капацитетите на ЕУ во надворешната политика за делување на глобално рамниште.

Премиерот Оливер Спасовски се заблагодари за учеството на амбасадорката Холштајн на седницата со која се потврдуваат заложбите на Владата на Република Македонија за стратешката насоченост кон европска интеграција, преку интензивна и динамична работа со сите чинители и засегнати страни.

Спасовски го истакна фактот дека еден ден по преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија од страна на Германија беше објавена преговарачката рамка на ЕУ со нашата земја, и со тоа оваа земја покажа дека континуирано прави големи чекори и клучни одлуки со кои го препознава извонредниот напредок и смелите чекори во добрососедските односи и реформите што Македонија ги презеде во изминатите три години.

-Сојузна Република Германија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период. Ние очекуваме и веруваме дека до завршувањето на вашето претседателство со Советот на Европската Унија ќе се одржи Првата меѓувладина конференција, на кој начин ќе се означи и официјалниот старт за почеток на преговорите на Република Македонија со Европската Унија, а во таа насока, охрабрува и изјавата на Канцеларката Меркел дека тоа е и целта на Германија, рече Спасовски на седницата на Владата.

На крајот од овој дел на денешната 79-та седница Спасовски, во име на Владата се заблагодари за презентацијата и ѝ посака на СР Германија успешно претседавање со Советот на ЕУ. Тој изрази очекување дека ова ќе биде историско претседавање заради исклучителната важност на приоритетите, како и заради историската можност за Република Македонија да ги започне преговорите по поглавја за членство во ЕУ.


Администратор
06/08/2020 01:24