Никој не не праша како треба да се одвива наставата од септември, реагира првиот човек на СОНК Јаким Неделков. Зачудувачки е како министерството, кое тврди дека бара начин, не ги инволвираше просветните работници во изнаоѓање соодветна стратегија - смета тој.

-Не бевме ниту прашани, ниту консултирани, а од нас како наставници и како вработени ќе се бара да ги спроведеме тие протоколи. Не тврдиме дека се лоши, но сметаме дека требаше да бидеме инволвирани во тоа за да видиме што е спроведливо, што не е спроведливо и ако не е добро наставниците да може да кажат ова да се поправи на ваков начин, вели неделков за Алфа.

Тој смета дека секоја општина треба да направи свој безбедносен протокол според сопствените услови.

-Прифаќаме поделби на паралелка во две групи и со нив да се работи со физичко присуство, водејќи сметка притоа за фондот на часови на наставниците, затоа што ако од една паралелка се прават две групи, тоа се како одвоени два часа. Предлагаме наместо маски да се користат визири зашто се полесни за дишење и за носење подолго време, додава.

Засега, ставот на образовните и здравствените власти е да има редовна настава од септември во училиштата во кои и досега во класовите имало преполовен број на деца, а во училиштата со многу ученици сменско работење со скратени часови или комбинирана настава.