Пред речиси еден месец, поточно 24 дена, на 7 ми јули беше последната пресконференција на министерот за здравство Венко Филипче. Потоа следуваа изборите на 15 но првиот човек кому јавноста во еден момент бесусловно му се довери, сега го нема никаде. Цифрите на новозаболени од Ковид 19 не само што се три веќе секој ден, туку и се високи, а нема ден без најмалку 5 жртви. Во меѓувреме туристичките центри функционираат како да се од друга планета: не се носат маски, не се почитува дистанца, нема никакви казни.

Дел од луѓето кои се посовесни очекуваат стратегија, велат ако до сега работата е промашена, не змее сега да се дозволи да не се креира точен пат како ќе се справиме со вирусот. Особено сега кога на есен се очекува истовремено да егзистираат и грипот и ковид 19. И докторите очекуваат план од надлежните.

-Мислам дека на јавноста и треба повеќе, да знае што не очекува, кои се предвидувањата. Очекувам да дадат неколку сценарија, што би се случило кога луѓето ќе се приберат во своите домови каде што нема да можат да држат таква дистанца, ќе работат претпријатијата, училиштата можеби ќе се отворат… Која би била стратегијата, во кои услови би се носеле повторно рестриктивни мерки, полициски час, колку тоа зависи од граѓаните. На некој начин да се направи договор со народот што не очекува, вели за„ Алфа“ доктор Никола Пановски.

Според него, неопходна е вистинска стратегија оти на дневно ниво со симптоми може да се јавуваат над 5000 луѓе...

-Ако има како што има секоја година, ако има како што имаше лани грип и настинки сметајте дека ќе има по 5000 до 6000 луѓе дневно што ќе се јавуваат на телефон кај матичните дека имаат симптоми температура, болки во грлото, малаксаност, а можеби не се од ковид, од други болести, кој систем ќе може тие да ги истестира?!- прашува Пановски.

Во меѓувреме, Министерството за здравство најави изградба на 16 нови монтажни болници низ земјава, но досега направени се само две. Последната беше поставена веднаш до Клиниката за пулмологија, а се градела 14 дена.