14 кандидати преку отворено писмо до медиумите се жалат дека биле тргнати од конечната ранг листа Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ иако биле рангирани од 40-до 60 место на положени. Велат дека биле избришани затоа што се од македонска националност и на нивно место ќе се изберат 15 кандидати од албанска националност и 5 од останатите заедници..

Во продолжение интегрален текст од нивната реакција:

Почитувани, Ви се обраќаме Вас, медиумите и медиумските работници, седмата сила, бидејќи силно веруваме дека ако се слушне нашиот глас секаде каде што достигнува вашата фрекфенција, нашите барања ќе бидат слушнати и неправдата која што ни е нанесена како најсолидни кандидати пријавени на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје ќе биде исправена.

Веруваме во правна држава и владеење на правото, затоа и толку пожртвувано се подготвувавме за приемниот испит за VII – ма генерација слушатели на почетна обука при Академијата.

Ние ја претставуваме групата на кандидати кои на ранг листата за положени кандидати се македонци и ги заземаат местата од 40 – то до 60 – то.

Преку ова писмо сакаме целата македонска јавност, сите меѓународни институции и амбасадори во нашата држава да бидат запознаени со незаконскиот и дискриминаторски начин на избор на слушателите на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје, VII – ма генерација.

Причината поради која го пишуваме ова писмо и Ви се обраќаме е незаконското утврдување и објавување на конечната ранг листа на слушатели на почетна обуказа VII генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

Имено, во јавниот оглас објавен на 15 мај 2019 година воСлужбен Весник на РСМ бр.94, многу јасно и недвосмислено беше наведено дека Академијата за судии и јавни обвинители распишува јавен оглас за прием на VII генерација слушатели на почетна обука, чиј број изнесува 60 слушатели.

Сите ние кои бевме пријавени на јавниот оглас имавме во предвид дека се бориме за 60 места за идни слушатели на почетна обука.

Управниот одбор после објавувањето на огласот донесе Правилник за изменување и дополнување на правилникот за полагање на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ 02-257/5 (Службен весник на РСМ бр.115/2019 од 06.06.2019 година)кој е донесен на03.06.2019 година, односно по објавување на огласот за прием на слушатели со којво член 8 се предвидува: „правична застапеност на кандидатите за прием во почетна обука“. Понатаму во став 1 од истиот член е наведено дека: „При селекцијата на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“.

Во став 2 стои: „соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетна обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој нов упис посебно“.

Овој правилник е донесен откако е објавен огласот за прием на 60 слушатели на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје и во никој случај не може ретроактивно да произведе правно дејство за огласот објавен на 15 мај 2019 година, односно истиот може да се примени на некој иден оглас објавен од Академијата.Со самото тоа што оваа измена на Правилникот произвела правно дејство ние кандидатите македонци и македонки кои сме од 40-60 место на листата на положени кандидати, сме избришани од листата за слушатели во Академијата и сме директно дискриминирани по национална основа. Во огласот од 15 мај 2019 година јасно стои дека се врши прием на 60 слушатели. Не може одлука донесена после објавување на огласот да биде на штета на кандидатите кои имаат највисок успех последователно од 1 до 60 – то место. Управниот одбор можел да донесе одлука за проширување на квотата за да се испочитува принципот на правична застапеност откако најдобрите 60 кандидати ќе бидат соодветно рангирани на листата за слушатели како што веќе има воспоставено пракса од претходната генерација во Академијата кога е проширена листата заради правична застапеност на заедниците.

Во став 1 од член 91 од Законот за академијата за судии и јавни обвинители концизно е наведено дека изборот на слушатели на почетна обука на академијата се врши врз редоследот на ранг листата до пополнување на предвидениот број на слушатели, што значи дека во никој случај post festumсо подзаконски акт не може да се дерогира оваа одредба, а најмалку пак после распишан јавен оглас.

Поради наведеното, БАРАМЕ да се испочитува ранг листата на положени кадидати од 1 до 60 – то место, согласно постигнатиот успех на приемниот испит, а за заедниците бараме да се постапи како на јавниот оглас за прием на слушатели за почетна обука на VI-та генерација, објавен во 2016 година, кога беше објавен оглас за 30 слушатели, а потоа листата беше проширена за уште 7 слушатели кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во РСМ.

За јавниот оглас во 2019 година треба да важи правилникот што важеше и за јавниот оглас во 2016 година, односно истите правила на игра во однос на заедниците. Во новиот правилник од 03.06.2019 година се наведува дека управниот одбор треба претходно даутврди посебна квота на заедниците кои не се мнозинство за секој оглас посебно. За овој оглас таква квота не можела да се утврди, бидејќи правилникот е донесен откако е објавен огласот на 15 мај 2019 година. Поради тоа нејасно е како Управниот одбор на Академијата по распишувањето на јавниот оглас донел посебна одлука за утврдување на посебни квоти за заедниците кога за тоа немал законска основа. Дека таквата одлука е незаконска се потврдува и со фактот што истата не е транспарентно објавена и никој друг, освен Управниот одбор и Комисијата за прием, ја нема видено како таква, ниту пак се знае кога е донесена истата.

Тука сакаме јавно како оштетени кандидати кои инвестирале многу време напор и ресурси на овој оглас, да ги поставиме следните прашања:

1. ЗОШТО СВЕСНО СЕ ДОЗВОЛУВА 16 ОД НАЈДОБРИТЕ КАНДИДАТИ, ПОРАДИ ТОА ШТО СЕ МАКЕДОНЦИ/МАКЕДОНКИ, ДА БИДАТ ИЗБРИШАНИ ОД КОНЕЧНАТА РАНГ ЛИСТА НА СЛУШАТЕЛИ ЗА VII ГЕНЕРАЦИЈА, СО ОДЛУКА И ИЗМЕНА НА ПРАВИЛНИК И СТАТУТ ПО ОБЈАВУВАЊЕTO НА ЈАВНИОТ ОГЛАС СО КОЈ РЕТРОАКТИВНО СЕ МЕНУВААТ ПРАВИЛАТА НА ИГРА?

2. ДАЛИ ВАКВАТА ОДЛУКА НЕ ФРЛА ЦРНА ДАМКА ВРЗ ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС, ЗА КОЈ СИТЕ СИЛНО СЕ СТРЕМИМЕ, ЗА ПРАВНА ДРЖАВА, КОГА 16 НАЈДОБРИ КАНДИДАТИ ОД 40-60 МЕСТО ОД МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНОСТ ОД ВКУПНО 670 ПРИЈАВЕНИ КАНДИДИ СЕ БРИШАТ СО НЕЗАКОНСКА ОДЛУКА?

3. ДАЛИ НА СЕКОЈ НАРЕДЕН ОГЛАС ВО АКАДЕМИЈАТА ЌЕ СЕ МЕНУВААТ ПРАВИЛАТА НА ИГРА ОТКАКО НАТПРЕВАРОТ ЌЕ БИДЕ ОТПОЧНАТ И КАКО ЌЕ СЕ ЧУСТВУВАМЕ НИЕ КАКО ПРАВНИЦИ И ИДНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ АКО ВАКВАТА НЕПРАВДА НЕ БИДЕ ИСПРАВЕНА?

4. КАКО НИЕ КАКО ДРЖАВА КОЈА ПРЕТЕНДИРА ВЛЕЗ ВО ЕУ ЌЕ ГИ ОТВОРИМЕ ПОГЛАВЈАТА 23 И 24 „Правосудство и човекови права“ и „Правда, слобода и безбедност“ КОГА НА НАЈБОЛНАТА ТОЧКА ВО НАШАТА ДРЖАВА-ПРАВОСУДСТВОТО, НА ПОСЛЕДНИОТ ОГЛАС ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ВО 2020ГОДИНА Е НАПРАВЕНА НЕЗАКОНСКА И ДРСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО НАЦИОНАЛНА ОСНОВА?

Воедно сакаме да Ве информираме дека оваа борба нема политичка конотација и ние 14 кандидати долупотпишани воопшто не се знаеме од претходно,но неправдата која ни е нанесена не сплоти толку силно што ќе се бориме за правда со сите сили до конечна исправка на штетата која ни е нанесена од страна на Академијата.

Соодветни писма ќе бидат испратени и до француската амбасада која многу инвестираше во оваа Академија, како и до британската и американска амбасада во РСМ, канцеларијата на мисијата на ЕУ и до Претседателот на државата.

Искрено веруваме дека содржината од ова наше писмо до вас медиумите ќе биде воцелост објавено во вашите дневни вести. Почитувани, Ве информираме дека за сите наши следни чекори и активности благовремено ќе ве известуваме.

Со почит,

43. Томе Делов

44. Симона Талевска

45. Благојче Стојановски

47. Бојан Василевски

48. Гордана Николовска

49. Зоја Андреев

50. Филип Пашовски

51. Марија Маневска

52. Александар Софронијоски

53. Александар Јорданоски

54. Диме Петрушевски

55. Кристијан Смилевски

56. Христина Софронијоска

59. Катерина Рамбабова Мишева