По повод 70 години од постоењето на Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, а со поддршка од Институтот на овластени ревизори на Република Македонија-ИОРРМ, Катедрата за сметководство и ревизија организираше награден конкурс на тема „Индустриска револуција 4.0: Како новите технологии ќе го променат сметководството во иднина“.

Конкурсот имаше цел да ги мотивира студентите да ги истражат глобалните дигитално технолошки трендови и како тие влијаат на сметководствено-финансиските процеси, преку автоматизација на работата и промена на улогата на сметководството во иднина. Новите технологии како големи податоци (Big data), анализа на податоци (Data analytics), 5Г мрежа, Интернет на нештата (IoT) беа само дел од темите кои беа опфатени во трудовите.

На конкурсот кој неодамна беше затворен беа пријавени вкупно осум стручни труда, а евалуацијата и оценувањето на трудовите го направи жирито составено од проф. д-р Атанаско Атанасовски, проф. д-р Зорица Божиновска-Лазаревска и проф. д-р Зоран Миновски.

За најдобри од пријавените беа избрани три труда: „Сметководствена револуција предводена од блокчејн технологија и паметни договори“ – Александар Пешов; „Иднината на сметководството е во облаците: големите податоци, интернет на нештата и технологијата во облак како двигатели на промената во сметководството“ – Бојан Китановиќ и „Ефекти на блокчејн технологијата во новата дигитална ера со посебен осврт на сметководството“ – Марта Хаџиевска.

Авторите на овие трудови ќе ја поделат наградата за најдобар труд на конкурсот и ќе добијат еднаква поединечна парична награда од 10.000 денари. Сите останати пријавени трудови, кои исто така беа добро оценети, ќе добијат пофалница и поединечна парична награда од 6.000 денари.

Паричниот фонд од вкупно 60.000 денари наменет за наградените стручни трудови го обезбеди Институтот на овластени ревизори на Република Македонија.

Претседателот на ИОРРМ Драган Димитров изјави дека во ера на нови технологии и нов пристап кон финасиите и сметководтвото, од сметководителите, ревизорите, лицата одговорни за финансии се бара континуирана стручна едукација, професионално усовршување но и адаптирање на технолошките трендови.

-Ако технолошките иновации ги прифатиме и тие се дел од нашето работење, ќе се зголеми продуктивноста и ефикасноста на финансиските експерти. Младите генерации, студентите се оние кои најлесно и најбрзо ги прифаќаат новите технолошки трендови, а што е особено важно за напредокот и усовршувањето на професијата. Токму затоа го поддржавме овој научен предизвик, кој според пристигнатите трудови се покажа како исклучително успешен, изјави претседателот на ИОРРМ.


Администратор
02/07/2020 14:44