Во текот на вчерашниот ден во јавноста беше објавена нова бомба во која наводно се слуша гласот на Зоран Милески Кичеец кој разговара со контроверзниот српски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, во име на Зоран Заев и Драги Рашкоски, како што вели самиот тој во разговорите.
Во аудио материјалот бизнисменот тврди дека исплатил 300 илјади евра и доделил плац од 2.000 квадрати за работата да биде завршена, односно да го добие просторот на Шумарско индустрискиот комбинат „Јелак“ во Тетово кој е голем неколку илјади метри квадратни и е во непосредна близина на центарот на градот.
– Не сакам да одам кај Заев за да платам повторно за да го плати референдумот. Се местите еден со друг, за референдум, за овој со оној. Не сакам да одам не сакам да завршам. Ти исплатив поштени 300.000 добивте уште 2.000 квадрати екстра. Ако ја спроведеме работата ќе земете 2 милиона, оној ќе ви даде уште 2, ќе бидат 4. Мене ми е поевтино да ви поклонам се, вели Дака.
Од стенограмските белешки и записници од владините записници, може да се увиди дека на 15.01.2019 на 115-та седница, Владата ја рагледувала информацијата и усвоила предлог-одлука за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор.
- Владата го разгледа новиот текст на Информацијата за имотот од стечајна постапка од должникот Шик Јелак АД Тетово, со Предлог-одлука за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор, ја усвои Информацијата и ја донесе Одлуката за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор, во предложениот текст, стои во одлуката на Владата.
Три недели подоцна, односно на 119-тата седница на Владата оддржана на 07.02.2019 година, повторно била разгледувана информацијата но овој пат била проширена со дополнителн заклучок кој упатува на членот на 23 од Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост:
- Владата ја разгледа Информацијата за располагање со недвижниот имот од Шик Јелак АД Тетово во стечај, со Предлог-одлука и ја усвои со следниве заклучоци:
1. Ја донесе Одлуката за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од недвижни ствари на другите сосопственици на деловен простор, во предложениот текст.
2. Доколку сосопствениците не ја прифатат понудата во рок од 30 дена од соопштението од подавката, продажбата на идеалниот дел да продолжи согласно член 23 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на Република Македонија“, бр.78/2015, 106/2015, 153/2015, 190/2016 и 21/2018), стои во владините заклучоци.
Овие заклучоци упатуваат на тоа дека со првата одлука Владата ја започнала постапката за продажба на недвижни ствари од ШИК Јелак додека со втората одлука овозможила терен за продажба на стварите преку електронска аукција или непосредна спогодба. Тоа е всушност суштината на членот 23 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост
Член 23
(1) За продажба на недвижните ствари одлучува Владата на Република Македонија, на предлог на државниот орган на кој му престанала потребата од користење на недвижната ствар.
(2) Предлогот за продажба на недвижни ствари го доставува одговорното лице во органот.
(3) Продажбата на недвижните ствари се врши со електронско јавно наддавање или со непосредна спогодба.
(4) Предлогот за продажба на недвижната ствар ја содржи почетната цена на недвижноста изразена во денари.
(5) Државниот орган е должен да обезбеди процена на недвижноста согласно со Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот донесена врз основа на Законот за процена. Проценетата вредност на недвижноста претставува почетна цена на недвижноста при продажбата.
115-тата седница била водена од Вицепремиерот Кочо Анѓушев, додека 119-тата седница била водена од Зоран Заев. И на двете седници присутен бил генералниот секретар на владата Драги Рашковски.
Рашковски и Заев беа директно спомнати во аудио-материјалите како лица кои го координираат процесот на продажба на ШИК Јелак.