Некои научници сметаат дека е изгубената Атлантида, одредени експерти предупредуваат дека не може да го издржи обемот на туристи, а важи за островите се најубаво и највпечатливо зајдисонце.

Санторини е еден од популарните грчки острови, можеби и најпопуларниот, но и позната светска дестинација, поради наредените бели куќички на над 200 метри надморска височина, поради вулканот, но и поради зајдисонцето кое со текот на времето стана атракција за посетителите.

Градоначалникот, локалното население, угостителите и хотелиерите од Санторини во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги пренесуваат нивните очекувања за претстојната туристичка сезона.

Сите се согласни, островот никогаш до сега, во јуни не бил толку празен. Но, изразуваат надеж дека со почетокот на меѓународните летови кон сите грчки аеродроми од 1 јули, туристите повторно ќе уживаат во убавините на островот. Нивните прогнози се дека од 5 јули постепено, ќе почне Санторини да се враќа во нормала.

-Вака празен не го паметиме островот. Од април, обично пред Велигден почнуваат да доаѓаат туристите. Се надеваме ќе дојдат, здрави сме, немаме ниту еден случај на коронавирусот, вели повозрасен брачен пар кој живее на Санторини.

Празниот остров сега, тие го споредуваат со 1956 година, кога Санторини беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7.7 степени и предизвика ерупција на вулканот и цунами. На големиот, му претходел „помал“ земјотрес од 7.2 степени.

Санторини тогаш, бил мал и не толку развиен и познат остров, а земјотресот, најголемиот во Грција 20-от век, со епицентар кај соседниот отров Аморгос, предизвикал сериозна материјална штета, а загинале 53 лица.

Вула Дидони е архитектка која, 11 години по земјотресот го посетила за прв пат Санторини, тогаш како студентка на Политехничкиот Универзитет во Атина.

-Во 1967 година прв пат дојдов на Санторини. Патував 22 часа со брод, 22 часа на палуба, тогаш островот воопшто не наликуваше на ова што е сега. По земјотресот останаа само оние кои не можеа или немаа каде да заминат. Тогаш островот беше празен и можеби и сега наликува на тој период, бидејќи нема туристи, вели архитектката.

Сигалас: Целта е да имаме 500.000 туристи

Градоначалникот Андонис Сигалас, роден на островот и речиси целиот живот го поминал на Санторини. Вели дека во овој период од годината, никогаш островот не бил толку празен.

-Но, ова за нас може да значи еден нов почеток, еден поквалитетен почеток, да ги тргнеме грешките од минатото, вели Сигалас во разговор со дописничката на МИА од Атина и додава дека ова лето почнуваат од нула, а најважно е „прво безбедноста, па после убав одмор“.

Објаснува дека лани, имале три милиони туристи, од кои еден милион биле од крузери, но оваа година, бројката ќе биде многу помала. Целта е, островот да го посетат 500.000 туристи.

-Почнуваме многу динамично, над 50 отсто од бизнисите ќе бидат отворени од 1 јули, со оглед на тоа дека тогаш аеродромот на Санторини почнува со меѓународни летови, односно тогаш, почнуваме сите заедно динамично, вели градоначалникот.

Санторини е „Covid free“, но и „Plastic free“

Локалното население на островот вели дека дополнителна предност и дополнителна привлечност за туристите е тоа што на островот не е регистриран ниту еден позитивен случај на новиот коронавирус.

Но, освен Covid free“, Санторини се стреми да биде и „Plastic free“ остров.

-Ослободени сме од двете. Односно, од Ковид-19 сме ослободени, за пластиката се стремиме да се ослободиме, коментира градоначалникот на островот.

За време на посетата на островот на грчкиот премиер и министри од неговата Влада, министерот за туризам на Грција ја презентираше алтернативната туристичка кампања „Plastic-Free Santorini“ во соработка со општината, со компанијата „Лидл“ и фондацијата „Ласкариди“.

-Во целиот свет го промовираме Санторини како прв остров во Егејското море ослободен од пластика. Кампањата „Plastic-Free Santorini“ одговара на современиот универзален тренд на еколошката чувствителност и заштитата на животната средина, особено во туристичкиот сектор, рече министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, означувајќи го почетокот на кампањата.

Пред две седмици, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, од Санторини, симболично го означи почетокот на туристичката сезона и порача дека целта не е Грција да биде број еден дестинација во Европа, туку да биде безбедна дестинација.

-Тоа беше голема чест за нас, секако знаеме дека е и голема одговорност за нас, но сме подготвени, а пред сѐ сме сертифицирани да направиме сѐ што е потребно за безбедноста на посетители и на жителите, што е најважно за нас, коментира градоначалникот на Санторини Андонис Сигалас.

Безбедноста, како на туристичките работници, така и на локалното население, но и на туристите, официјална Атина ја споменува како нејзин прв и главен приоритет.

Впрочем истото го порача и министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, во разговор со дописничката на МИА кој рече дека за нив, „здравјето е број еден“.

Портпаролот на грчката Влада, доста често вели дека Грција плови во „непознати води“, а целта е оваа година, земјата да добие поголем дел од помалата европска туристичка пита.

Колку туристи оваа година ќе ја посетат Грција, колкав ќе биде профитот за земјата од кусата туристичка сезона, останува времето да покаже, а надлежните одбегнуваат да коментираа и да прогнозираат.

Успешното справување со пандемијата е картата на која игра Грција во обидот за привлекување странски туристи.

Според податоците од Банката на Грција, минатата година, јужниот сосед го посетиле 34 милиони туристи, додека пак профитот за земјата достигнал до 18,18 милијарди евра.

Сања Ристовска


Администратор
28/06/2020 11:38