Доктор Мирослав Бошковски од Куманово, вработен во приватна здравствена организација, донираше конвалесцентна плазма за потребите на пациент заболен од Ковид-19 од Ресен. Бошковски го видел апелот за донирање плазма на социјалните мрежи и бидејќи претходно и самиот ја прележал болеста се пријавил за донирање.
– Се бараше крвна група Б + и се одлучив да донирам. Се јавив и за 24 часа од телефонското јавување беа направени сите подготовки, беше земена крв, извршени анализи и беше дарувана и плазма, изјави доктор Бошковски.
Многу е потребно да се донира крвна плазма, која има исклучително значење за пациентите со тешка клиничка слика, апелира д-р Бошковски, кој инаку е претседател на локалниот огранок на Лекарската комора во Куманово. Тој ги повикува сите кои ја прележале болеста и доколку ги исполнуваат критериумите за донирање, кои можат да се видат на Институтот за трансфузиона медицина, да се јават и да донираат плазма која може да спаси нечиј живот.
Бошковски раскажа и за своето искуство од болеста. Се заразил во првата половина од април, поминал со средна клиничка слика, со малаксаност, замор, кашлица, температура, отежнато дишење. Тој бил хоспитализиран и во Кумановската општа болница 17 дена.
– Се чувствувам добро, дарувањето плазма е исто како и секое нормално редовно крводарување. Ги повикувам сите кои се чувствуваат подготвено, кои ги исполнуваат условите да даруваат, апелираше Бошковски.
Бошковски единаесет години работи како матичен лекар во Куманово и пет години е специјализант по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје.