УНГАРИЈА

Согласно владиниот декрет бр. 291/2020 (VI.17.) од 17 јуни 2020, на државјаните на Република Македонија кои пристигнуваат од странство во патничкиот сообраќај, и по укинувањето на вонредната состојба во Унгарија на 17 јуни 2020 им е забранет влез на територија на Унгарија.

По исклучок, на државјаните на Македонија може да им се дозволи влез во Унгарија врз основа на посебно “барање за ослободување од забраната за влез“ кое може да биде однесено единствено по електронски пат на следната веб страна: https://ugyintezes.police.hu/en/home, и единствено на унгарски јазик, од страна на барателот или од него овластено лице. По барањето одлучува надлежниот локален полициски орган на местото на влез, вклучително и при влез на меѓународниот Аеродром во Будимпешта “Лист Ференц“.

Полицискиот орган може да го уважи барањето доколку подносителот докаже дека целта на влез на територијата на Унгарија е некоја од следните:

а) учество во судска или службена постапка потврдено со документ издаден од унгарски суд или служба,

б)деловна или друга работа која ја потврдува административен орган на централната власт, независен регулаторен орган или автономен орган на јавната администрација со писмо покана,

в) медицинска нега која ќе ја потврди со документ од здравствена институција или друга соодветна потврда,

г) полагање на испит врз основа на потврда дека е ученик, студент која ја издава образовната институција,

д) прекугранично движење поврзано со транспорт, кога целта на влезот е пристап до почетната точка или враќање од дестинацијата на пратката (со заверена потврда од работодавачот)

ѓ) учество на фамилијарен настан (свадба, крштевка, погреб),

е) нега, згрижување на роднина,

ј) учество на спортски, културен, односно верски настан од посебно меѓународно значење,

и) од причина различна од горенаведените, за која може да се даде ослободување.

Државјаните на Македонија кои имаат валиден регулиран престој во Унгарија исто така подлежат на постапка за одобрување за ослободување од забрана за влез во Унгарија, задолжителна медицинска контрола при влез во Унгарија и 14-дневен карантин.

Против решението на полицискиот орган со кое се одбива барањето за ослободување од Забраната за влез, дозволена е жалба по која одлучува Главната полициска станица на Регионот (главниот град).

При влез на територијата на Унгарија, во интерес на потврдување на основаноста на барањето, лицето кое е ослободено од забраната за влез (лице со дозвола) е должно на барање на граничните служби, да го покаже оригиналниот документ кој бил поднесен. Доколку лицето со дозвола не го покаже оригиналниот документ за потврдување на основаноста на барањето, или при влезот се појави сомнеж за кредибилетот на истиот, може да се одбие влегувањето.

-НАПОМЕНА: по исклучок, обврската за поднесување на барање за ослободување од забраната за влез не се однесува на македонски државјани кои се најтесни членови на семејства на унгарски државјани и на државјани на држави членки на ЕУ/ЕЕА.

-НАПОМЕНА: по исклучок, врз основа на меѓународен репроцитет, Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија со посебен декрет, во координација со Министерот за внатрешни работи, може да даде согласност за влез на државјани на одредени држави, без да подлежат на медицинска контрола и без обврска за 14-дневен карантин.

-НАПОМЕНА: по исклучок, забраната за влез не се однесува на преминување на границите со приватна патна исправа или друг патен документ, доколку се работи за официјална посета на покана на унгарските власти.

-НАПОМЕНА: по исклучок, за носителите на дипломатски патни исправи се применуваат изземања согласно Виенската конвенција за дипломатски односи

Лицето на кое му е одобрен влез во Унгарија задолжително подлежи на медицинска контрола при влегувањето во Унгарија, при што:

а) доколку се утврди сомнеж за заболување од COVID-19, лицето нема да биде пуштено да влезе на територијата на Унгарија,

б) доколку нема сомнеж за заболување од COVID-19, лицето ќе биде упатено во 14-дневен државен карантин, чие место го одредува епидемиолошката служба, или во 14-дневен домашен карантин. Лицата за кои е одреден карантинот се евидентираат во епидемиолошката служба.

в) не се бара приложување на негативен тест на COVID-19.

Државјани на Република Македонија во патен сообраќај може да транзитираат преку територијата на Унгарија без посебно барање, освен во посебни околности по дискреција на граничната полиција.

Притоа:

мора да приложат доказ дека им е дозволен влез во земјата на крајната дестинација (на пример работна дозвола, дозвола за престој итн.)

транзитот преку територијата на Унгарија мода да биде во најкус можен рок, низ точно одредени рути и преку точно одредени гранични премини за таквиот меѓународен сообраќај, посочени од унгарските власти.

на влез во Унгарија, можно е тестирање за сомнителни на КОВИД 19.

Транзитот е слободен за возачи на товарни моторни возила во меѓународен промет, низ точно одредени рути и преку точно одредени гранични премини за таквиот меѓународен сообраќај, посочени од унгарските власти.

НАПОМЕНА: Унгарија како и секоја држава, независно од горенаведеното, го задржува дискреционото право да не дозволи влез/транзит доколку се оцени дека влезот е ризичен поради епидемиолошки, јавно безбедносни или национално –безбедносни причини, без посебно појаснување.

Согласно член 30, став 1 (ц) од унгарскиот Закон за влез и престој во државата на државјани на трети земји од 2007г, на лице, државјанин на трета земја (вклучително од Република Македонија-н.з.) треба да му се обезбеди дозвола за привремен престој доколку престојува на територијата на Унгарија повеќе од законски дозволеното, доколку е попречен да ја напушти Унгарија поради хуманитарни причини, како и поради причина која се појавила не по негова вина или е неотстранлива или е во врска со вработување.Ваквата дозвола за привремен престој се издава на три (3) месеци, која може да се продолжи најмногу за три (3) месеци. Државјаните од трети земји (вклучително од Република Македонија-н.з.) кои законски престојуваат во Унгарија можат да го регулираат својот престој во канцелариите на Регионалната дирекција на Регионот Пешта во работно време, а по работно време во Централната дежурна канцеларија на Главната државна дирекција на полицијата за странци (Budapest, XI, Budafoki ut 60).

МНРТ на Унгарија дополнително извести дека државјаните на трети земји (вклучително Република Македонија-н.з.) кои имаат виза за краток престој и кои поради постоењето на опасната ситуација (COVID -19) не можат да ја напуштат Шенген зоната во рокот додека им важат визите, за продолжување на истите и за регулирање на законскиот престој можат да се обратат до Главната државна дирекција на полицијата за странци и Регионалната дирекција на Регионот Пешта, во канцелариите за услуги на клиенти. Притоа, МНРТ на Унгарија посочи дека согласно информацијата од Главната државна дирекција на полицијата за странци, моментално тоа можат да го направат единствено онлајн на нивната веб страна, преку соодветниот линк на менито, во делот на услуги на клиенти.