Вирусот навистина постои. Има многу асимптоматски случаи кои на некој начин претставуваат своевиден ризик во контактите со другите луѓе. Јас ако не го направев тестот, немаше да знам дека сум позитивна, вели директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска во првото интервју за МИА дадено по нејзиното враќање на работа откако претходно самата обелодени дека е позитивна на корона вирусот.

Лукаревска, која немала никакви симптоми во текот на целиот период на лекувањето, апелира до граѓаните максимално да се грижат за сопственото и здравјето на другите и да ги почитуваат сите протоколи и насоки на Министерството за здравство.

– Шокирачки е да примиш вест дека си позитивен на коронавирусот, иако не очекував такво нешто. Кога отидов да се тестирам, бев толку релаксирана од исходот од тестот, но тоа е, што е. Немав никакви симптоми во текот на целиот период на лекувањето, дури со дел од здравствените работници со кои разговарав ми кажаа дека сум многу слаб преносител. Сите мои колеги и пријатели кои беа посочени во анкетата од моја страна, се негативни, вели Лукаревска.