Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев при неговата денешна посета на Битола, во изјава за медиумите истакна дека МВР ќе поднесе кривична пријава против поранешниот директор на РЕК Битола Васко Ковачески и дел од раководството на оваа институција поради изнуда и злоупотреба на службената должност и овластување.

- Денес бев во работна посета на Битола. Ја информирам јавноста за постапувањето на Одделот за организиран криминал по пријава која се однесува на претходниот директор на РЕК Битола, а сегашен директор на ЕСМ, а истовремено и висок функционер на СДСМ. Согласно пријавата доставена до Министерството за внатрешни работи, претходниот директор и потесното раководството на РЕК Битола сториле кривични дела злоупотреба на службената положба и изнуда од правно лице кое на законски начин врз основа на законска постапка за јавна набавка склучило договор за извршување услуги со РЕК Битола, истакна Чулев.

Чулев истакна дека прво се барало дел од тендерот да биде отстапен на фирма блиска до владеачката партија која немала капацитет да биде подизведувач, а кога тоа било одбиено од страна на директорот и раководството на РЕК Битола бил побаран поткуп од 250.000 евра.

Реномирана фирма за ископ на јаловина која добила тендер од Рек Битола била подложна на изнуда и притисок од страна на директорот и раководството на РЕК Битола со цел дел од договорот да биде отстапен на друга фирма, подизведувач, која што ниту има капацитет ниту има механизација и воедно фирма која што е блиска до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Откако одговорните лица во фирмата која го добила тендерот одбиле да го извршат ова барање, притисокот продолжил при што од директорот на РЕК Битола бил побаран поткуп во износ од 250.000 евра, појасни Чулев.

Чулев дополни дека штетата по буџетот на Република Македонија од раскинатиот договор е околу 1 милион евра.

Откако било одбиено и ова барање, започнало да се реализира црното сценарио, односно фирмата да биде опструирана при нејзиното исполнување на договорот, за да на крајот договорот биде еднострано раскинат од страна на РЕК Битола и биде активирана банкарската гаранција.Штетата која е предизвикана по буџетот на Република Македонија по основ на судска постапка е околу 1 милион евра, дополни Чулев.