Од денеска се отворени сите гранични премини во Република Македонија наменети за меѓународен граничен сообраќај при што условите за влез и излез на наши и странски државјани се останати непроменети, инфомираа денеска од МВР.
Согласно Одлуките и мерките на Владата на Република Македонија, појаснуваат дека македонските државјани можат да остварат непречен излез од РМ, при што на граничен премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека РМ поради настанатата состојба со КОВИД -19 нема да биде во можност навремено да им помогне околу нивното враќање.
– Во Република Македонија е дозволен влез на МКД државјани и странци со регулиран привремен или постојан престој во РМ под услов истите да имаат валиден негативен PCR тест (изработен од нос и грло), не постар од 72 часа од денот на издавањето на тестот со што истите добиваат Наредба и пополнуваат изјава за домашна самоизолација во траење од 14 дена. На влез во Република Македонија, МКД државјани и странци со регулиран привремен и постојан престој кои немаат PCR тест се упатуваат во задолжителен државен карантин во времетраење од 14 дена ( истите со организиран превоз и полициска придружба се упатуваат во некој од претходно утврдени објекти), појаснуваат во соопштението од МВР.
Странските државјани, се наведува во соопштението, можат да транзитираат низ територијата на РМ (преку сите копнени гранични премини), под што се подразбира влез на еден граничен премин, а излез на друг граничен премин при што имаат обврска при транзитот да не се исклучуваат од соодветниот автопат или локален пат и транзит да се реализира за најмногу пет часа, за што пополнуваат соодветна изјава.