Иако политички поставените фигури тврдат дека работата е под контрола, како на пример директорот на ГОБ „8 септември“, вработениот медицински персонал отворено зборува за спротивното. Велат дека се преморени, преполовени по бројност, колегите им се болни а голем дел се и во самоизолација. Кому ќе му останат пациентите чиј број двоструко се зголемува ако бројот на лекарите продолжува да се намалува?
Во Ковид центарот на ГОБ „8 Септември“ секојдневно се примаат по дваесетина пациенти. Таму веќе имало и недостиг на респиратори.
-Во моментов можам да кажам дека сме комплетно блокирани како болница, пред два дена бевме принудени да отвориме и петти оддел за којшто сакавме да го отвориме бидејќи навистина веќе немавме место, се судруваме со огромен проблем со асистирана вентилација, затоа што пациентите ни доаѓаат во најтешка можна состојба. Верувајте дека веќе немаме место и за машини, пребукирани сме и со болни, затоа што не е само потребата од кревети да имаме, ние имаме потреба секако и од персонал. Персоналот ни е преморен. Имам молба до граѓаните, прво да се заштитат самите себе си прво да се заштитите себе си, а потоа и нас, затоа што целиот здравствен персонал, зборувам на општо ниво, во целата наша држава е веќе на колена, вели за Алфа доктор Патриција Каламарас, шеф на Инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“.
Таму 15 здравствени работници, меѓу кои и двајца доктори се позитивни на вирусот, а десет се во домашна изолација - се разбира официјално. Неофицијално, извори за Алфа велат дека бројката е поголема.