Вицепремиерката Мила Царовска во своето гостување на Телевизија 24 истакна дека веднаш по завршување на вонредната состојба, условите за одржување на изборите се по 22 дена, односно на 5 јули. Таа посочи дека се исцпрени сите потреби за продолжување на вонредната состојба.
– Ние полека како држава, како граѓани сите се навикнуваме на новиот начин на живеење. И ако можеме да одиме во маркет, ако можеме да одиме во банка, во ресторан, притоа да се заштитиме себеси – а тоа е користење на маска, користење на дезинфесиенси, држење на дистанца тоа укажува дека навистина е сегмент на тоа наше демократско живеење да излеземе на избори и да избереме следен Парламент, а со тоа ќе избереме и политичка влада затоа што тоа е важно за државата и за секој поединец во неа, потенцираше Царовска.
Таа оцени оти не гледа дека пречка, доколку во текот на изборите се одржат сите протоколи коишто здравствените власти ќе ги препорачуваат и секако ДИК ќе ги испочитува и ќе се воспостават како механизми во денот на изборите.
– Секако дека кампањата на поинаков начин ќе се води, со тоа од една страна сме безбедни, а од друга страна одиме на избори. А ако ги одложиме за еден, два или пет месеци како сме сигурни дека во септември или во октомври нема да имаме уште поголема бројка. Никогаш не сме сигурни затоа што гледаме дека тоа е динамички процес којшто и во другите држави тешко може да предвидат дали или кога ќе се стивне и кога ќе има следен пик. Токму затоа сметам дека е навистина важно да се одржат изборите со почитување на сите протоколи затоа што новото време на живеење предвидува да ние се штитиме себе и тие околу нас, заклучи вицепремиерката иако голем број од нејзините сопартијци се во самоизолација поради неколку позитивни функционери на коронавирусот.