Не се виновни граѓаните, власта требаше навремено да информира за коронавирусот, вели епидемиологот Драган Даниловски за Алфа.

-Недоволното информирање си го стори своето. Ние не можеме да го обвинуваме народот, меѓутоа треба да се запрашаме зошто народот така реагира? Зошто реагира како да не постои проблемот. Требаше да се активира власта за кампањите, мислам дека тоа требаше многу порано да се направи и по жестоко за да видат граѓаните со каков невидилив непријател се соочуваме, смета докторот.

Останува на фактот дека Владата не требаше нагло да ги олабави мерките.

-Не требаше толку нагло да се релаксираат мерките. Угостителските објекти не смееа толку нагло да се распуштат. Со тоа кај граѓаните се даде сигнал дека кризата е завршена. Затоа, требаше да се подготви јавното мнение, денови претходно дека ќе има олабавување, но дека не e се завршено, вели Даниловски.

На прашањето за дали треба измени во комисијата за заразни болести Даниловски остана воздржан. За изборниот датум 5 јули Даниловски е дециден дека одлуките се носат политички.